Блокиран центарот на Киев, демонстрантите остануваат на плоштадот

Полициските сили го блокирале центарот на Киев, каде што од утрово, според различни информации, има меѓу 10 и 25 илјади демонстранти, јавуваат руските и украинските агенции.

Агенцијата „Укринформ“ јавила дека киевската полиција, која по неколкучасовните конфронтации синоќа попуштила на притисокот на демонстрантите, утрово тргнала во акција кон зградата на Киевската градска администрација, која претходно ја зазеле демонстрантите. Агенцијата пренесува дека полицијата употребила солзавец.

Полицијата по полноќ започна акција за потиснување на демонстрантите од Плоштадот на независноста и делумно ги демонтирала барикадите кои ги поставиле демонстрантите.

„Интерфакс“ пренесе дека имало неколку повредени демонстранти, додека „Итар тасс“ го пренесува соопштението на тамошното Министерство за внатрешни работи, дека десет припадници на полицијата биле повредени во текот на обидите да ги отстранат блокадите во центарот на градот. Постојат и информации дека има и осум осомничени лица.

Украинското Министерство за внатрешни работи, демантирало дека е употребен солзавец и други специјални средства. Во меѓувреме, акцијата на силите за безбедност наишла на осуда од САД и ЕУ.