Управата за јавни ја приходи ја блокирала сметката на 1 ТВ. Како што пишува „Фактор“, веста засега не е потврдена, но според информациите на порталот, даночниците ја блокирале сметката уште вчера.
Се објаснува дека 1 ТВ почна да зрачи во етерот во март 2018 година, а веќе година и половина подоцна телевизијата се соочува со блокирана сметка.
„Инаку, на отворањето на телевизијата присуствуваше речиси цела Влада. “Нова платформа, нов медиум -беше официјалната најава за телевизијата, а од новинарските имиња кои се во телевизијата се познатите – Ацо Кабранов, Анета Кочишки, Гордана Дувњак, Александар Чомовски, Борјан Јовановски, Јадранка Костова и други..
Телевизијата од самото отворање ја следеа неколку афери. Највпечталива беше онаа со долгонајавуваниот истражувачки проект насловен како „Македонски инсајдер“. Околу оваа емисија на 1ТВ во јавноста се крена многу прашина. Првично поради сензационалистичките најави на епизодите, заканите и обвинувањето за „рекет“, а потоа и поради нејаснотиите дали станува збор за лиценцирана емисија. Тогаш, бизнисменот Зоран Азманов на прес-конференција го обвини Бојан Јовановски дека се обидел да му изнуди 50.000 евра или стан токму во врска со емисијата.Телевизијата тогаш ги демантираше обвинувањата и најави тужба.
Бојан Јовановски, попознат како Боки 13 во јуни 2017 година, пред отворањето на телевизијата го стартуваше проектот „Меѓународен сојуз“ за цивилно општество и социјално загрозени категории. Тогаш потенцираше дека финансиската добивка како претседател ќе ја донира секаде каде што е потребно.
Првиот проект на Меѓународниот сојуз беше насловен како „Стоп за деца на улица”, со изградба на центар за заштита. Инаку, на конститутивната седница на меѓународниот сојуз тогаш присуствуваа пратеничката од СДСМ, Фросина Ременски, заедно со пратеникот Стефан Богоев,амбасадорот Чарлс Гарет, водителките Лила Филиповска и Јована Стојменовиќ, заедно со видни јавни личности. Меѓу членовите на Собранието тогаш беа забележани и имињата Јованка Кухар, Сашко Коцев, Жарко Димитриевски, Коста Костадиновски, Иџет Мемети.За почесен претседател на овој сојуз беше избрана поранешната министерката за труд и социјална политика, Фросина Ременски, која практично е присутна скоро на секоја прослава на Јовановски, судејќи по фотографиите кои Боки 13 ги објавува по социјалните мрежи“, пишува „Фактор“.