Бојкот на „Танец“ во Австралија: Заев да не ни пушта вода под рогузина!

Јасни сигнали кои недвосмислено укажуваа дека Македонците во Австралија ќе ја бојкотираат соработката со која било институција од земјава, беа упатени веднаш по потпишување на Преспанскиот договор, кој дијаспората во Австралија, како и најголем дел од Македонците, го сметаат за национално предавство.

8031

Македонците во Австралија деновиве се сѐ погласни во повикот за бојкот на турнејата на ансамблот „Танец“, најавена  за 17 ноември во Мелбурн, на 22 ноември во Канбера и на 24 ноември во Сиднеј, а по повод 70-годишнината од неговото основање.

Јасни сигнали кои недвосмислено укажуваа дека Македонците во Австралија ќе ја бојкотираат соработката со која било институција од земјава, беа упатени веднаш по потпишување на Преспанскиот договор, кој дијаспората во Австралија, како и најголем дел од Македонците, го сметаат за национално предавство.

А, преименување на името на „Танец“ од „ансамбл за народни игри и песни на Македонија“ во „национална институција на народни игри и песни на Северна Македонија“, е всушност базичната причина поради која што еден културен настан се става во политички контекст, и надвор од едно реално уметничко вреднување,  ансамблот во случајов се доживува како колатерална штета.

„Нетпрес“, иако се обиде, не успеа да добие коментар од директорот на „Танец“, Мартин Вучиќ за најавениот бојкот на нивните концерти и дали евентуано би ја откажале најавената турнеја.

Сепак, историчарот, новинар и посветен активист на македонската заедница во Австралија, Ицо Најдовски, поврди дека има единство меѓу дијаспората во Австралија за бојкот на турнејата на „Танец“, следствено нивната позиција, алармирањето до актуелната влада и резолуции, дека доколку не се престане со националните предавства, тие ќе ја прекинат соработката со власта и државните институции во земјава.

Ицо Најдовски

„Македонската заедница од Австралија настаните во Македонија ги гледа многу јасно, а пораките ги чита многу течно. Ние сме огорчени од трагедијата која и се нанесе на нашата Татковина со Тиранската платформа, со Бугарскиот договор како и со Преспанскиот. Со промената на Уставот, името, идентитетот, институциите каде што се имплементираа барањата од горенаведените договори се создаде нова држава и идентитет. Македонија и македонскиот народ или нација, административно не постојат повеќе. Ова е само почетокот од велепрадавствата на Макијавелската заева влада. Доправа ќе следува бришење на се што е македонско, а тоа ќе биде постепено и мачно умирање со имплементацијата на поглавјата на ЕУ кои директно се внесени во договорите. Како што е познато ние од Австралија укажувавме и опоменувавме што ќе ни се случи со бројни резолуции испратени до сите релевантни институции. Но резултатот е познат. На 4 март минатата година имавме масовни демонстраци и ја испративме и последната резолуција да не се менува името на Македонија и македонскиот народ. И да не одам во минатото ќе спомнам дека една точка од резолуцијата беше ако не се престане со националните предавства ние, Македонците од Австралија ќе ја прекинеме соработката со актуелната власт и нејзините институции. Заев направи неколку обиди да се приближи до нас, но, успеа да формира едно глобално друштво, Форум за демократска Македонија. Во Австралија има само двајца поткрепители. Кога тоа не му успеа на Заев и власта, уште лани ја променија стратегијата како да ја замолчат дијаспората. Како оправдување го понудија „Танец“ но двапати беше одбиена понудата. Во втората понуда бев информиран и прашан и јас од тогашната советничка за култура, Цветанка Ласкова и неколку нејзини соработници. Јас тоа го одбив затоа што знаев дека со Преспанскиот договор задолжително се брише придавката македонски. Тоа се стори и променети се имињата на 135 македонски институции, вклучувајќи го и Танец кој од Македонски ансамбл се преименува во Национален ансамбл. Ако е Национален ансамбл тогаш чија култура ќе ја прикажува во Австралија каде што има 135 етнички заедници? На која нација? Ние сме понижени, безимени, збришени или згазени како колектив“, како народ, посочува Најдовски.

Најдовски: Танец доаѓа со политичка агенда да ја разнебиди македонската заедница

Македонската дијаспора, и според реакциите на социјалните мрежи, може да се забележи дека гостувањето на Танец го гледаат како промоција на новото уставно име на нашата држава и сметаат дека целиот настан всушност има политичка позадина.

„Која е потребата „Танец” да доаѓа во Австралија со државни пари кои се земени од народот? Зошто Заев плаќа 50 авионски карти, сместување и и исхрана за Танец? Ние не гледаме потреба од култура, барем сега, да се носи во Австралија од Северна и да се промовира името како такво кај другите етнички заедници! Ние немаме потреба од брза култура, затоа што во Австралија имаме над 20 Македонски културно уметнички друштва кои ја негуваат македонската песна, оро и фолклор уште со формирањето на друштвото „Светлост“ во 1960 година. И затоа Македонците ќе го бојкотираат Танец затоа што доаѓа со политичка агенда. Да ја разнебити и Македонската заедница како што се разнебиди Македонија и македонскиот народ. Инаку, Танец бил наш гостин неколку пати и  јас сум бил еден од организаторите. Ние сметаме со парите кои ги одделил Заев преку Министерството за култура за „Танец“ да гостува во Австралија, многу подобро ќе биде да им помогне на болните кои мака мачат да си ги купат билките од аптека. На нив нека им ги додели парите, а не да го праќа „Танец“ да прави поделби и уништување на единството на Македонската заедница. Ние такви како Заев имаме видено многу и кога жестоко се боревме против разузнувачките служби на Југославија, Грција и Бугарија. Кога на нив им париравме успешно и не им дозволивме да го нарушат единството на Македонците од сите делови на етничка Македонија и сега нема да дозволиме Заев да ни пушта вода под рогузина. Овие поединци кои не ја почитуваат волјата, ставовите и барањата на Македонската заедница ги маргинализиравме, а ќе го почувствуваат тоа во текот на концертите. Не се исклучуваат и протести на самите концерти и порадикални пораки, вели Најдовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.