Бојкотирам

За да бидат нештатата појасни, бидејќи големиот дел од публикумот е како рипката Дори, па да повторам за да може, оној кој ќе се зезне, жеден за медиумска крв, кога ќе го читне текстов и кога нема да најде ама баш ништо што би му пумпало ниски страсти, сори, дечки, ќе ве разочарам

Кој сум јас

Прво сум се родил како човек, во време кога не се трчало да го посветиш и му доделиш ангел пазител на детето. Се крстив на постари години откако, ми се подотвори едното „око“. Откако се крстив, јас себе се дефинирав кој сум – јас сум христијанин…а, после се’ друго, Македонец скопјенец битушанец, маџермаалец, битолчанец, диксџокеј, струмичанец и секојдневно се суб-дефинирам како татко, водител, но во биосот на супер-егото стои – ХРИСТИЈАНИН. Христијанство подразбира неколку работи пост, причест, молитва, исповест, духовник, послушание, се’ друго е дрн дрн џокеџон.

Дали сум слободен?

Почнувајќи од ова, јас немам ама никаква забрана од никого што и како да правам што да зборам, и нема религија во универзумов со пошироки постулати, затоа и толку сме омразени. Но, затоа на своја одговорност бирам за што ќе говорам и пишувам, да јас одлучувам во рамките на моето делување како ќе делувам. Токму поради тоа чувствувам огромна слобода на избор да можам да правам што и како сакам, но сепак да сум колку-толку соборен и да бидам во рамките на Божјата милост. Можам и да ми пукне филм и да бидам и дрзок и безобразен, кроток, шизфрен или интелектуален, најмногу јуродив.

ПОСТИ

Почнаа пости, во рамките на овие пости е и годишницата на бракот, кога ја запечативме нашата љубов пред Бога и пресвета Богородица довека, празников ни е нашата годишница. Не ми се битни ништо друго туку, ако можам и успеам да се подготвам малку построго, за да се причестам. Да се воздржам од кркање бурек и вистински и ментален. Токму заради мојата лична слобода, слобода на избор, но пред се заради љубов одбивам … БОЈКОТИРАМ!…

ОДБИВАМ

… да ги коментирам вулгарностите на јавна сцена, идиоти и кретени, ликови и дегенерици со парапортали кои надминаа секое ниво на пристојност, а толерирани само заради лична и партиска кауза, одбивам и и затоа што веќе и дојде време кога секоја стана Јади Бурек, сите коментираат, сите фалат, критикуваат, омаловажуваат, филозофираат, сите пропагираат, ама сите. Она што јас би можел да го искоментирам веќе е објавено и пре-мултиплицирано на сите страни. Нека не ве залажува и тоа како имам став, но не сакам да бидам понесен со стампедото затоа што мојава килажа и свинскиов врат не се резултат на лапање калории туку осамена борба, сам си р’гам – сам си тргам. На многумина од вас ви давам за право за кажаното , напишаното, но простете, овој апсурдистански циркуз во овие пар недели ќе го стишам и ќе се посветам на моите, и онака долга и не баш лесна сезона, ме очекува со мојата емисија. Толку многу има наплив на овие цунами на вулгарности што кога јас не можам повеќе да ги конзумирам, мислам дека навистина е се преку секоја мерка.
А, интересно, исклучете се од интернет три дена…само три дена, ќе видите дека има реалност која колку и да е лоша, е подобра одошто ИД-от на публиката на интернетот Драго мие ако ме разбравте, драго ми е ако не.

Автор: Јанко Илковски за НетПрес