Боб Дилан ослободен од обвинението дека ги навредувал Хрватите

Судот во Париз не го уважи обвинението на една хрватска организација во Франција против американскиот кантавтор Боб Дилан за навреда на Хрватите, пренесуваат денеска француските медиуми.

Истрагата поради „навреда во јавноста и поттикнување на омраза“ против Дилан е подигната во декември 2013 година, врз основа на тужбата која ја поднесе Советот на хрватската заедница во Франција.Советот се повика на интервју на Дилан објавен во француското издание на американскиот магазин „Ролинг Стоунс“.

Според француската верзија на магазинот што е превод од американското издание, Дилан зборувајќи за правата на Црнците изјави дека тие можат да ги почувствуваат расистите „токму како Евреите нацистите, а Србите Хрватите.“

Судот донесе одлука во корист на Дилан, наведувајќи дека музичарот го одобрил објавувањето на интервјуто во американскиот магазин, а не во француското издание.

Судот, меѓутоа одлучил да му суди на директорот на француското издание на „Ролинг Стоунс“, поради вреѓање и поттикнување на омраза.

Боб Дилан (72) е исклучително ценет во Франција, каде што во ноември 2013 година доби орден за Легија на честа.