Боцевски: САД многу се вложија во Преспанскиот договор и легитимно е да ја бранат својата политика

Легитимно е САД да имаат своја политика на Балканот. Тие овде се клучна критична сила уште од 1990 година и се вложија многу во делот со Преспанскиот договор, истакна поранешниот амбасадор Ивица Боцевски во емисијата „24 анализа“.

Тој вели дека е нормално САД сега да ја бранат таа своја политика, но дека легитимно е и нашиот интерес да го дебатираме договорот и прашањето околу преименувањето на земјата.

-Ова е суштинско прашање, затоа што голем дел од Македонците не го признаваат легитимитетот на Северна. Од демократски позиции, не гледам никаков проблем да се оспорува Договорот од Преспа и тоа што го донесе – додава Боцевски.

Белата куќа соопшти дека извршната наредба обезбедува дополнителни санкции против поединци или субјекти кои им се закануваат на мирот и стабилноста во регионот и ги поткопуваат демократските процеси или се занимаваат со сериозни кршења на човековите права и корупција.

Претседателскиот декрет го додава Договорот од Преспа за решавање на спорот меѓу Грција и  Македонија од 2018 година, како и договорите со кои се стави крај на конфликтот во Босна и Херцеговина.