Бочварски: Дадени четири одобренија за градба во Старата скопска чаршија

Министерството за транспорт и врски ги запазува сите аспекти во однос на издавањето на одобренија за градби од прва категорија каква што е Старата скопска чаршија, а за бесправното градење се надлежни инспекторатите под надлежност на Инспекцискиот совет, порача денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и додаде дека мора да се почитуваат стандардите и нормативите.

– За Старата скопска чаршија во Министерството за транспорт и врски во изминатите неколку години се доставени 14 барања за одобренија за градење од кои четири се одобрени, четири се одбиени, а шест се повлечени од страна на инвеститорите поради некомплетна документација – рече Бочварски.

Тој нагласи дека не сака да избегне одговор за бесправното градење, но посочи, дека тоа не е во надлежност на Министерството, туку е во надлежност на општините.

– Ние мора заеднички да работиме со општините по овој аспект и да ги решаваме прашањата. Постојниот закон за бесправно изградени објекти или оној којшто е во процедура не значи дека сите тие објекти ќе се доведат во правна рамка, но сепак мора да се почитуваат стандардите и нормативите – посочи Бочварски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.