Бочварски: Подготвени сме на дебата за Законот за дивоградби

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска изјави дека е подготвен за дебата за законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти секаде и на секое ниво, а пред се, со пратениците.

На новинарско прашање за иницијативата од пратеничката Маја Морачанин за надзорна расправа за законот за дивоградби Бочварски порача дека законот е потребен за граѓаните. Според него, ако пратениците се подготвени да го изгласаат тоа ќе биде во ред, но доколку одбиваат да дискутираaт и да го изгласаат тогаш државата ќе го повлече.

-Што се однесува до Законот за бесправно изградени објекти ние сме подготвени за дебата секаде и н секое ниво со пратениците, пред се, заради тоа што сметам дека овој закон е потребен за граѓаните на нашата земја на коишто им е потребен кров над глава заради социјалниот аспект во државата и заради тоа сме подготвени да дискутираме и во Собранието и надвор од Собранието. Доколку државата е подготвена, доколку пратениците се подготвени во мнозинство да донесат ваков закон тоа ќе биде во ред, но доколку пратениците одбиваат да дискутираат и одбиваат да го изгласаат ваквиот закон тогаш државата ќе го повлече тој закон и заради тоа подготвени сме, дискутираме како и досега. Важно е да знаат граѓаните дека водиме грижа за нивните проблеми. Нивните проблеми не ги ставаме под тепих туку отворено дискутираме и така ќе продолжиме и во идниот период – изјави Бочварски, по увидот на градежните работи на делницата Крупиште-Кочани.

Бочаврски го претстави новиот Предлог-закон за добивање правен статус на бесправно изградени објекти во декември лани. Со него ќе можат да се легализираат бесправно изградени објекти до 1 јануари 2021 година. Предвиден е скалест начин за пресметување на надоместот за легализација и тоа, за објект до 80 метри квадратни висината на надоместокот се зголемува за 50 проценти од основниот комунален трошок, а за објекти над 80 метри квадратни, тој надомест се зголемува за 100 проценти.

Надомест за легализација на бесправни објекти, според предлогот, нема да плаќаат социјално загрозените граѓани и лицата со приходи до 180 илјади денари нето годишен приход, со што се зголемува опфатот на граѓани кои се ослободени од овој надоместок.