Бочварски: Преку 91 отсто од Буџетот на Министерството е наменет за капитални проекти

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, го презентираше предлог Буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2022 година.

Предлог Буџетот е проектиран на 11 милијарди и 865 милиони денари. За капитални проекти, предвидени се преку 91 процент или 10 милијарди и 885 милиони денари.

Со Буџетот се предвидува да се оствари високо ниво на реализација на капиталните инвестиции во делот на патната мрежа, железницата, гасификацијата и комуналната инфраструктура.

-Капитален проект на кој ќе посветиме големо внимание е изградба на железницата кон Бугарија за што предвидовме 2,5 милијарди денари. Силен фокус даваме на доизградба на автопатските делници на Коридор 8 како и Коридор 10 за што предвидовме 6,1 милијарда денари. Продолжуваме со изградба на канализации и водоводи во општините за што вкупно инвестираме 836 милиони денари. Ги засилуваме активностите за изградба на локални улици и патишта, а во буџетот обезбедивме и 246 милиони денари за Град Скопје за изградба на инфраструктура за брз автобуски превоз низ градот. Планираме да распишеме нов јавен повик за финансиска поддршка на нови авиолинии со оглед дека договорот со авиокомпанијата „Визер“ истекува следната година – изјави Бочварски.

Тој додаде дека се предвидени и 275 милиони денари за доизградба на двата магистрални гасоводи, а се очекува да се започне со постапката за изградба на интерконекторот со Грција како и завршување на проектите за магистралните гасоводи од Гостивар до Кичево и Велес – Свети Николе.

Бочварски потенцираше дека до ЈП за државни патишта се продолжува со силниот инвестициски циклус во модернизација на патната мрежа.

-Очекуваме најитно Собранието да го изгласа анексот за продолжување на изградба на автопатот Кичево-Охрид и градежните работи да се засилат со потребната динамика. Одобрени се 63 нови инфраструктурни проекти. Следната година ќе се заврши изградбата на експресниот пат од Штип до Радовиш како и експресниот пат од Крупиште до Кочани. Интензивно продолжуваме со изградба на експресниот пат од Градско кон Прилеп и од Ранковце до Крива Паланка.

Градежните работи на автопатот Скопје-Блаце се одвиваат со добра динамика, очекуваме во следната година првата фаза да биде пуштена за сообраќај, а исто така да биде распишана и постапката за избор на изведувач за втората фаза од село Блаце до аеродром Стенковец –  изјави Бочварски.

Тој додаде дека предвидени се 18 милиони денари за изработка на Урбанистички планови за општини кои немаат доволно средства за оваа намена, а во рамки на Декада на Ромите се обезбедуваат 20 милиони денари за проекти во општините со ромско население.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.