Бочварски: Продолжуваат координативните состаноци за отворање на граничниот премин Клепало

Министерството за транспорт и врски и Министерството за надворешни работи ќе продолжат со координативни состаноци со Република Бугарија за отворање на граничниот премин Клепало кај Берово.

Министерот Благој Бочварски при денешната работна посета на Општина Пехчево, запрашан до каде се работите со овој граничен премин, истакна дека е констатирано оти за придвижување на работите на потег е бугарската страна, од каде бил информиран дека веќе се работи на сите студии за заштита на животната средина, по што ќе се влезе во реализација на патниот правец до граничниот премин од бугарска страна.

-Ние паралелно со тоа ќе работиме и на отворање на граничните премини. Има мешовита комисија која што се води во Министерството за транспорт и врски и МНР со цел координација со Република Бугарија во делот на граничниот премин. Од тој аспект сакам да потенцирам дека и бугарската страна да реализира и свој граничен премин од страната на Бугарија со што ние сме во понапредна фаза во овој дел и ги следиме состојбите, рече Бочварски.

Посочи дека Министерството е подготвено веднаш по започнувањето на инфраструктурата од страна на Бугарија да ги направи сите завршни реконструкции и рехабилитации на нашиот дел за да се влезе во фаза на конечно отворање на овој граничен премин.

-Работиме заеднички, бидејќи тоа е проект на две држави и мора меѓународно да се решава. Таму сега се во процес новите избори, по изборот на новата влада секако ќе продолжиме со соработка со бугарската страна со цел да направиме уште еден граничен премин за поврзување за граѓаните и развој на овој регион и Берово и Пехчево и на сите останати населени места, додаде Бочварски.

Потенцираше дека Клепало е многу значаен граничен премин за целиот регион за што како Министерството апсолутно ја даваат поддршката за реализација на проектот.