4.8 C
Skopje
петок, април 19, 2024

Бочварски: Зелените коридори најуспешните примери на регионална соработка

Бочварски нагласи дека мора да се размислува како да се ублажат последиците од кризата, но и да се предложат поодржливи решенија надвор од неа.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска на тркалезна маса организирана од Меѓународниот транспортен форум во пресрет на Самитот на министри, на тема: „Транспортот и Ковид 19″, истакна дека зелените коридори, воспоставени на почетокот на Ковид-19 пандемијата, се покажаа како еден од најуспешните примери на регионална соработка.

На тркалезната маса, на која учествуваа министри за транспорт и државни секретари од преку 25 земји од светот, министерот Бочварски нагласи дека мора да се размислува како да се ублажат последиците од кризата, но и да се предложат поодржливи решенија надвор од неа.

-Создавањето поволни услови за трговија и непречен транспорт може да го забрза закрепнувањето, бидејќи трговската соработка и слободниот проток на стоки и услуги можат да обезбедат навремена испорака на есенцијални стоки токму онаму каде што се најпотребни. Затоа, продолжувањето и надградбата на концептот на „зелени коридори” и нивно проширување до граничните премини на сите земји, вклучувајќи ги и оние со соседните земји-членки на Европската Унија, може да даде добри резултати и да биде од корист за сите, истакна министерот Бочварски, говорејќи на првата сесија од тркалезната маса, која се однесуваше на концептот на „зелените коридори – ленти за полесен и побрз транспорт”.

Во рамки на Западен Балкан ваквите коридори се воспоставија на почетокот на КОВИД-19 пандемијата, со цел да се спречи недостиг на есенцијална стока и медицинска опрема.

Денешната тркалезна маса беше прва од трите предвидени пред почетокот на Самитот на министри, на која учествуваа министри за транспорт и државни секретари од преку 25 земји од светот, меѓу кои САД, Велика Британија, Русија, Јапонија, Данска, Португалија.

Во мај 2021 година ќе се одржи Интернационалниот транспортен саем. /МИА