Богата петдневна програма за Водици во Охрид

Со богата  петдневна културно уметничка  програма, општина Охрид  и Здружението за афирмација на Македонската православна црква „Богојавлени” се вклучуваат во одбележувањето на   големиот христијански празник  Богојавление – Водици.

Градоначалникот Никола Бакрачески  на денешната прес конференција ги обелодени деталите на обемната  празничната програма која започнува на  16-ти јануари со концерт  на Културно уметничките друштва,  “Филиграни“, “Илинден”, “Ѓердан”,“Охриѓанка“, “Плетенка“ и “Отекс“  во ЦК “Григор Прличев”со почеток во 19 часот.

–  Точно напладне на 17 јануари во црквата  “Св. Никола- Геракомија “ ќе биде предавањето на кумството на годинешните кумови на манифестацијата, балканската ѕвезда Жељко Јоксимовиќ и бизнисменот Зоран Милески.   На задоволство на охриѓани и туристите  вечерта  со почеток во 20 часот, на градскиот плоштад “Св.  Климент охридски“ , солистички концерт  ќе одржи поп дивата  Каролина Гочева  која покрај другите ќе ги изведе нумерите од последниот албум “Македонско девојче 2“, рече градоначалникот Бакрачески кој   посочи дека во рамки на програмата на 18-ти јануари во недела  во 19 часот  во куќата на Уранија  ќе биде доделена светската награда за хуманизам, на годинешниот добитник на наградата, претседателот на Меѓународниот ПЕН  Центар, Џон Ралстон Сол кој е еден  од најголемите имиња  во светската литература  и кој ќе напише дека Охрид е  град на  светскиот хуманизам. Истиот ден во 20 часот во Центарот за култура “Григор Прличев “ е проекцијата на документарниот филм за Водици во Охрид.

–   По традиција со светите  архиерејски литургии  во сите православни христијански  храмови, во понеделник  на 19-ти јануари  започнуваат чествувањата посветени на големиот христијански празник Богојавление- Водици .Настапот на градските хорови на градскиот плоштад ќе биде во 9 часот а во 10 часот е традиционалното фрлање на светиот  крст во водите на охридското езеро. Во 11 часот  на градскиот  плоштад ќе настапи ансамблот “Билјана Јуниор“. На плоштадот по традиција бесплатно ќе се дели топла ракија, вино, плашица и охридскиот специјалитет пача. Масовното крштевање кај месноста  Сараиште  е закажано за  14 часот, додаде градоначалникот Бакрачески  и истакна дека празнувањето продолжува наредниот  ден на денот на рибарите, кога по традиција се подготвува рибна чорба.

Годинава  два и пол тона рибна чорба  ќе донира   ресторанот “Тино”а истата ќе ја подготвуваат професори и ученици од ОУТУ “Ванчо Питошески“. Казаните како минатата така и оваа година ќе бидат поставени на  малиот плоштад . Во 14 часот е капењето на рибарите и фрлање на бурињата со вино од брод на пристаниште. На Плоштадот “Св. Климент охридски” во текот на целиот ден ќе биде поставена изложбата на риболовен алат и  стари  фотографии  на кои се доловени моменти од риболовот во Охридското  Езеро, рече градоначалникот и потенцира дека годинава Охрид за овој голем христијански празник  очекува околу 30 000 гости од регионов но и од подалечните земји.       

-Со цел и оваа година да се привлече поголем број на гости и посетители во нашиот град,  хотелите и рестораните во период од 12 до 21 јануари  настапуваат со промотивна понуда. За празнувањата за Водици 17 хотели  од Охрид , креираа празнични аранжмани со попусти од 30 до 50 %. Спиење со доручек во зависност од категоријата на хотелот и дали сместувањето е во еднокреветна и двокреветна соба ќе чини од 10 до 25 евра. Повеќе ресторани и угостителски објекти за време на богојавленските празнувања своите услуги ќе ги водат со попусти од околу 30 отсто, истакна Бакрачески.

Митко Пендов, од Здружението за афирмација на МПЦ “Богојавление“, истакна дека  годинава се очекува светиот крст во езерските води да го бараат 100 до 150 странци  кои во Охрид ќе дојдат специјално за таа намена.


– Годинава, маичките за капачите се донација на фирмата “Зегин“, и истите  ќе се доделуваат  на 19 јануари  во период од 7 до 9 часот      во  црквите, “Св. Никола- Геракомија“, Св. Ѓоргија, и “Св. Богородица –Каменско“,истакна  Пендов.

Црвен крст Охрид и оваа година, со своите тимови за прва помош и тимови на спасители на вода и нуркачи ќе се грижи за безбедноста на посетителите и скокачите по крстот за празникот Богојавление,како и за Денот на рибарите.

 

Извор: www.ohrid.gov.mk