Богатите трупаат вакцини против Covid-19, за сиромашните може да снема

Девет од десет луѓе во сиромашниет земји би можеле следната година да останат без вакцината против коронавирусот, бидејќи богатите земји натрупале повеќе дози отколку што им е потребно, соопшти во средата Сојузот за вакцини.

Богатите земји во коишто живее 14 отсто од светското население од минатиот месец купиле 53 отсто од вкупните резерви на најперспективните вакцините, предупреди Сојузот, коалицијата којашто ја сочинуваат организциите Oxfam, Amnesty International и Global Justice Now.

Тие соопштија дека фармацевтските компании коишто соработуваат на вакцината против Covid-19 требало преку Светската здравствена организација (СЗО – WHO) отворено да ја споделат својата технологија и интелектуалната сопственост за да се произведат повеќе дози од вакцината.

„Ова не би смеело да биде борба меѓу земјите кои сакаат да обезбедат доволно дози. Во ова време на глобална пандемија без преседан, животите на луѓето мора да бидат ставени пред профитот на фармацевтските компании“, изјави за Reuters Мога Камал-Јани, советничка во Сојузот за вакцина.

Додека во Велика Британија во вторникот високоризчните групи граѓани започнаа со примањето на вакцината на „Pfizer/BioNTech“, повеќето луѓе во 67 земји со низок или понизок среден приход, меѓу кои се најзагрозените, Бутан, Етиопија и Хаити, се под заканата дека ќе останат без вакцини.

Меѓу трите вакцини против Covid-19 кои се преферираат на Западот и од светските медиуми, речиси сите дози кои се на располагање на две од нив, на „Moderna“ и на „Pfizer/BioNTech“, ги набавиле богатите земји, се наведува во извештајот на Сојузот.

Иако од „AstraZeneca“ и Универзитетот Оксфорд ветија дека ќе обезбедат 64 отсто од своите дози за луѓето во земјите во развој, тоа во најдобар случај би опфатило само 18 отсто од светската популација до следната година.

ЕУ, САД, Велика Британија, Канада, Јапонија, Швајцарија, Австралија, Хонгконг, Макао, Нов Зеланд, Израел и Кувајт набавиле 53 отсто од потенцијалните дози на овие три вакцини, при што Канада купила доволно за вакцинирање на своето население пет пати, забележуваат од Oxfam .

„Купувајќи големо мноштво од светските резерви на вакцината, богатите земји ги кршат своите обврски во поглед на човековите права“, изјави Стив Кокбурн, шеф на програмата за економска и социјална правда во Amnesty International.