Капиталот со кој располагаат 25-те најбогати семејства во светот пораснало за 24 отсто на годишно ниво и се приближува до бројката од 1,4 трилиони американски долари, покажува рангирањето коешто во саботата го објави агенцијата Bloomberg.
На првото место на оваа листа со севкупно богатство од 191 милијарда долари е американското семејство Волтон, сопственици на најголемиот светски синџир супермаркети „Walmart“. Волтон во последната календарска година станале побогати за 39 милијарди долари.
Второто место на оваа листа со 127 милијарди долари, и со годишен раст од 39 милијарди долари, го зазема семејството Марс, сопственици на производителот на чоколадата „Mars“. На третото место годинава се потиснати браќата Дејвид и Чарлс Кох, кои ја водат петрохемиската компанија „Koch Industries“, а во моментов располагаат со вкупен капитал од 125 милијарди долари, односно за 26 милијарди долари повеќе отколку пред една година.
Четвртото место му припаѓа на кралското семејство на Саудиска Арабија со 100 милијарди долари, кое првпат се најде во ова рангирање. Следат браќата Ален и Жерар Вертејмер, сопственици на модната куќа „Chanel“ со 57,6 милијарди долари, а шестото место го зазема, исто така, француското семејство Дима, сопственик на познатата модна куќа „Hermes“ со 53,1 милијарда долари, додека на седмото место се трите белгиски семејства Ван Дам, Спулберх и Де Мевиус во чија сопственост е пиварската корпорација „Anheuser-Busch INBEV“, со проценети 52,9 милијарди долари.
Првата десетка на оваа листа ја заокружуваат – на осмото место германското семејство Берингер фон Баумбах, сопственици на фармацевтсткиот концерн „Boehringer Ingelheim“ со 51,9 милијарди долари, на деветото место е семејството Амбани од Индија, кое ја држи индустриската групација „Reliance Industries“ со 50,4 милијарди долари, и на десеттото место американското семејство Каргил-Мекмиланс, сопственици на корпорацијата за прехранбени продукти „Cargill“ со проценето богатство од 42,9 милијарди долари.
Останатите 15 места на листата ги заземаат семејства од Канада, Германија, Франција, Велија Британија, Швајцарија, Индонезија, Хонгконг, Тајланд и Италија.