Богатството на Цукерберг пораснало на 100 милијарди долари

Богатството на основачот на најголемата социјална мрежа во светот, Марк Цукерберг, се зголемило на 100 милијарди долари, откако Facebook ја започна новата услуга со куси видеа.

Компанијата во средата во САД го покрена Instagram Reels, конкурен на кинеската апликација TikTok. Поради тоа акциите на Facebook во четвртокот поскапеле за повеќе од 6 отсто.

Уделот на Цукерберг во компанијата изнесува 13 отсто. Со тоа тој влегува во друштвото на „супермилијардерите“ со капитал поголем од 100 милијарди долари, во кои се основачот на Amazon, Џеф Безос, и на Microsoft, Бил Гејтс.

Шефовите на технолошките гиганти во последно време се под лупата на јавноста но и на властите поради постојаниот раст на моќта на нивните компании и повеќекратното зголемување на нивното лично богатство.

Компаниите Facebook, Amazon, Apple и Google се меѓу најголемите добитници од воведувањето на карантинските мерки поради пандемијата на коронавирусот, бидејќи сѐ поголеми се купувањата, забавите и дружењата преку интернет.

Личното богатство на Цукерберг оваа година за зголемило за 22 милиајрди долари, а на Безос за повеќе од 75 милијарди долари, покажуваат пресметките на агенцијата Blomberg.