Богданчани гласаат на референдум за или против изградба на рудник

Жителите на општина Богданци ќе се изјаснуваат околу изградбата на рудникот за катоден бакар во Казандол. Право на глас имаат околу седум илјади лица запишани во Избирачкиот список, а референдумското изјаснување е предвидено да се одржи на 12 избирачки места во општината.

Граѓаните ќе може да се изјаснат дали се за да се стопира или не изградбата на рудникот во Казандол, но и ќе може да одговорат на прашањето за тоа дали би дозволиле експлоатација на каква и да е руда во иднина во границите на оваа општина.

За успешно спроведување на референдумот е неопходно на гласањето да излезат минимум половина плус еден од запишаните избирачи во Избирачкиот список во општина Богданци. Притоа, мнозинството од излезените граѓани треба да се одлучат за стопирање на изградбата на идниот рудник во Казандол.

Во согласност со македонската легислатива, одлуката на граѓаните од референдумското изјаснување е дефинитивна, по што општинските власти ќе бидат принудени да ја спроведат.