Богданов: Претходните влади на ВМРО-ДПМНЕ имаат огромен удел во позитивниот извештај на ЕК

Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Костадин Богданов во дебатната емисија ,,Отворено’’ на телевизија 24 истакна дека голем дел од позитивните оценки кои ги доби Македонија во последниот извештај за напредокот на Европската Комисија и препораката за старт на преговорите со ЕУ се резултат на работата на претходните влади на ВМРО-ДПМНЕ.

,,Голем дел од позитивните оценки остануваат од времето на ВМРО-ДПМНЕ каде е констатиран напредок’’ , вели тој.

Богданов забележа дека подготвените стратегии и оние кои се веќе имплементирани се резултат на работата на претходните влади на сегашната опозиција.

Според Богданов и покрај позитивната препорака сеуште има голем број на забелешки од страна на ЕК за работата на новата влада.

Тој ги потенцираше забелешките на ЕК за партиските чистки во администрацијата, слабостите во однос на судството, особено законот за амнестија каде не е направена детална анализа за последиците од истиот.

Богданов констатираше дека владата има проблем и со борбата против корупција и економија во која има голема невработеност особено кај младите.

Имено Македонија за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ за прв пат доби препорака за старт на преговорите за влез на Македонија во Европската Унија во 2009 година.

Препорака која беше повторена во 2010, 2011, 2012, 2013 и 2014 која во последните 2 години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ беше условена поради политичката криза во државата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.