Богдановиќ: Општината може да менува ДУП-ови

Општината може да воведе мораториум за да стопира спорни ДУП-ови, вели градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ по изјавата на неговиот колега од Аеродром Златко Марин дека тоа е незаконски, пренесува СДК.мк.

Советот на Општина Центар, веднаш откако Богдановиќ стана градоначалник, лани во октомври донесе одлука за мораториум со која беа стопирани 30 урбанистички планови, со која за ниту еден објект кој беше предвиден во плановите не беше издадена градежна дозвола додека тие не се ревидираат.

Секој ДУП може да се поправи со нов ДУП. Ние донесовме одлука за стопирање на извршување на 30 ДУП-ови, со цел додека не донесеме нови планови тие да не можат да се реализираат. Досега ниту сме имале некоја жалба. Јас знам дека тоа е нешто што прв пат се случува во државата и јасно во одлуката се наведува по кои законски основи се повикуваме на воведување на мораториумот, изјави Богдановиќ.

Богдановиќ рече дека не може да го коментира планови на други општини, бидејќи не ги знае добрите или лошите страни, односно не е запознаен со конкретниот план во Општина Аеродром, за кој Марин вели дека нема начин да го стопира.

Од пред два дена, во зеленилото пред Мајчин дом почна да се гради 9-катница, за која сегашниот градоначалник Златко Марин во предизборната кампања ветуваше дека нема да се гради. Синоќа, жителите на Аеродром протестираа и го блокираа булеварот, барајќи од градоначалникот Марин веднаш да ја запре изградбата.

Градоначалникот Златко Марин денеска во 13.30 часот закажа нова прес-конференција.