Богдановски: Неспособноста на Жерновски е очигледна, сметката за неговото незнаење и неработење ја плаќаат граѓаните

Сѐ е поочигледна е неспособноста на градоначалникот на скопската општина Центар, Андреј Жерновски, а сметката за неговото незнаење и неработење ја плаќаат граѓаните од општината, а доказ за тоа е и вчерашниот трагичен инцидент пред Министерството за култура кога во сообраќајна несреќа пешак беше прегазен и го загуби животот, изјави во петокот Горан Богдановски, советник во Општина Центар.

„Менувањето на сообраќајниот режим, градењето на Боемска улица, окупираните тротоари од паркираните возила направија вистински ХАОС во Дебар маало. Имаше многу апели од граѓаните, барања од жители на Дебар Маало кои беа упатени до Жерновски за овој хаос, но сепак неработникот Жерновски остана глув на сите овие барања. Граѓаните јавно, но и по пат на дописи го информирале Жерновски за овој дел од населбата, за целиот метеж, за бучавата од кафеаните и кафулињата, за окупираните тротоари од паркираните возила и нерешениот паркинг простор, за доставата на роба во текот на целиот ден“, истакна Богдановски.

Посочи дека на истата улица на којашто се случи трагедијата се наоѓа и основното училиште „Коле Неделковски“, а за десеттина дена ќе започне и новата учебна година.

„Го прашуваме Жерновски, дали е загрозена безбедноста на дечињата кои треба да ја започнат новата учебна година? Со што господине Жерновски ќе можете да ја гарантирате безбедноста, не само на учениците, туку на сите жители на Дебар маало и сите останати граѓани?“, праша Богдановски.

Додаде дека очигледно е оти проектот на Жерновски „Зона на мирен сообраќај“ наместо да обезбеди поголема сигурност на граѓаните во централното градско подрачје, го направи Дебар маало небезбедно место на живеење.

„Ова не е прва несреќа во тој реон. Пред подолг временски период кога имаше една слична сообраќајна незгода, на советнички прашања на Жерновски му беше укажано за проблемите. Наместо да послуша, Жерновски со својата ароганција одговори дека тоа го остава на свеста на возачите. Еве до каде доведе неговата ароганција. Господине Жерновски, граѓаните сакаат мир и безбедност, а не ароганција, хаос и беззаконие. Доколку Вие и МВР не може да им го обезбедите тоа, повлечете се“, порача Богдановски.