Богов: Без странските инвеститори немаше да имаме раст од 3,3 отсто

Доколку денес ги немавме странските инвеститори  немаше да имаме раст од 3,3 отсто, вели гувернерот Димитар Богов, во интервју за „Капитал“.

„Ако ние денес ги немавме во Македонија Џонсон контролс, Џонсон Мети, Кемет, Текнохозе, Ван Хоол, Дрекселмаер, Кромберг и Шуберт и останатите нови компании, немаше сега да зборуваме ниту за раст од 3,3 отсто“, вели гувернерот во интервјуто.

Тој нагласи дека за се подигне потенцијалната стапка на раст на македонската економија, потребни се политики за привлекување странски инвестиции, за подобрување на деловниот амбиент, инфраструктурните инвестиции, диверзификацијата на производството, освојувањето на нови неевропски пазари.

„Растот во оваа година беше воден од странските инвестиции и јавните инвестиции. Очекуваме тие да продолжат да го поттикнуваат економскиот раст и во 2014. Дополнително, благото закрепнување на економијата на Европската Унија, која е наш доминантен трговски партнер, ќе го поттикне растот и во останатите традиционални извозно ориентирани индустрии, а закрепнувањето на приватната потрошувачка ќе влијае поволно врз секторот на услугите. Во целина, закрепнувањето ќе продолжи во 2014 година со посилен интензитет. Секако, нашите проекции базираат на одредени влезни претпоставки во моделите кои ги користиме. Доколку некои од тие претпоставки се променат, можни се повисоки или пониски остварувања. Во овој момент најголемите ризици сеуште доаѓаат од решавањето на должничката и банкарската криза во неколку земји од ЕУ“, истакнува Богов во интервјуто.