Боки 13 ја кажал целата вистина за случајот Меѓународен сојуз

Првоосомничениот за случајот „Меѓународен сојуз“, Бојан Јовановски попознат во јавноста како Боки 13 и во понеделникот продолжи со давање исказ пред обвинителката Вилма Русковска, и според неговиот бранител Саши Доковски ја кажал “целата вистина“.

Во петокот Јовановски излезе од обвинителството по седум часа, а денеска исказот го довршуваше пет часа и потоа беше спроведен во истражниот затвор во Шуто Оризари каде издржува притвор за случајот „Рекет“.

Неговиот адвокат Сашо Дуковски изјави дека неговиот исказ, не случајно бил толку долг и дека Јовановски ја кажал целата ноторна вистина поткрепена со факти и докази. Не одговори на новинарското прашање дали во неговиот исказ биле споменувани и некои други лица за кои јавноста не знае дека биле вмешани во овој случај.

За секој основ, за секое зборче што стои во наредбата за спроведување на истрага се произнесе со мноштво факти, не со рекла-кажала, мислам дека неговиот исказ беше корисен, целосен и сеопфатен, рече Дуковски.

Адвокатот не сакаше да ја коментира ниту изјавата на осомничената Јасна Мандиќ која рече дека Боки 13 ја довел во заблуда.

Не сакам да коментирам изјави на туѓи лица, ги оставам. Моето мото е секој си стои зад она што го изјавил, ние нашата одбрана ја даваме во обвинителство и пред суд“, одговори Дуковски.

Уште еднаш кажа дека здравјето на Боки 13 е катастрофално и според него, тој неколку пати повраќал додека бил во Обвинителство.

Јовановски се сомничи дека измамил две градежни компании на тој начин што ги лажел дека ќе обезбеди државно земјиште за да се изградат центри за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа ќе обезбеди и државни субвенции. Така, од едната фирма преку авторска агенција добил околу 720.000 евра, а од другата околу 230.000 евра

Освен Јовановски осомнични се неговиот татко, Миле Јовановски, пратеничката Фросина Ременски, Јасна Мандиќ и неговата асистентка Христина Блажевска.

Истрагата е продолжение на случајот „Рекет“ и е насочена кон невладината „Меѓународен сојуз“, чиј претседател е Боки 13.