Боки 13 доби 9 години затворска казна за случајот „Меѓународен сојуз“

Кривичниот суд – Скопје денеска ја објави пресудата за предметот „Меѓународен сојуз”, каде првообвинет е Бојан Јовановски – Боки 13, а обвинети се и уште четири други лица, меѓу кои и поранешната пратеничка Фросина Ременски.

Имено, судијката Софче Гаврилова – Ефремова пресуди дека Бојан Јовановски е виновен затоа што со дејствијата кои таа ги прочита сторил кривично дело измама од членот 247 ставот 4 во врска со став 1 во врска со членот 45 од Кривичниот законик и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело членот 273 и ставот 1 од Кривичниот законик со што судот заклучно со цитираните законски одредби од член 4, 32, 33, 35, 39 од Кривичниот закон му утврдува казна затвор од по 5 години и согласно член 44 од Кривичниот законик го осудува на единствена казна затвор во траење од 9 години.

Јасна Мандиќ е прогласена за виновна за кривично дело измама и е осудена на единствена затворска казна од 4 години.

Поранешната пратеничка од СДСМ Фросина Ременски се ослободува од обвинението. Таткото на Бојан, Миле Јовановски е осуден на eдинствена условна казна од две години.

Според обвинителниот акт, во периодот од 8 јули 2017 година до 13 април 2018 година првообвинетиот, како претседател на обвинетата невладина организација Меѓународен сојуз, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, ги искористил документите од посочената НВО и довел и одржувал во заблуда две оштетени лица.

Тој лажно прикажувал дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилен сервис, како и субвенции од страна на државата и оштетените вака доведени во заблуда на штета на својот имот му исплатиле преку Македонска авторска агенција износи кои надминуваат значителна вредност, и тоа 719 905 евра, односно 233 821 евра во денарска противвредност.