Дирекорот на 1ТВ и БМЈ Медиа Груп, Бојан Јовановски алијас Боки 13 во интервју вели дека тој е човекот за кој пишува новинарот Бранко Героски.
До мене е допрено сѐ. Јас сум човек кој е прилично информиран. Героски е читан новинар кој со години е почитувано перо кај нас и за истиот можам да кажам дека бил гостин во оваа телевизија. Да му олеснам него и на јавноста јас сум тој за кој пишува Героски и за кој се изречени лаги и сериозни обвинувања. Јас и сега нема да реагирам. Героски е новинар, тој има задача да пишува. Јас сум свесен дека Македонија е општество кое живее за афери, крв и месо. Ние не бараме правда, туку крв. Кој и да ги измислува приказните гарантирам дека ќе завршат неславно. Прилично сум убеден во тоа што зборувам – вели Јовановски.
За тезата дека нападите против 1ТВ и Бојан Јовановски се оркестрирани од еден центар, а целта повеќе се премиерот Зоран Заев и специјалната обвинителка Катица Јанева, првиот човек на телевизијата вели дека неговата релација со премиерот е исклучително професионална.
Се познавам со човекот, како што сите во оваа земја се познаваме меѓу себе. Со Заев се познавам исто како што се познавам со челни луѓе на ВМРО-ДПМНЕ. Имам пријатели од СДСМ исто како што имам пријатели во ВМРО-ДПМНЕ. Кирацовски ми е пријател, Кирацовски ќе ми биде пријател. Зошто да не ми биде? Тоа е поентата на целиов разговор, дека со оваа хајка сакаат луѓето да видат дека јас сум инфициран, заразен и дека можам да ги заразам другите, рече Јовановски.
Свесен е дека се шират муабети дека 1ТВ е провладина телевизија, но тоа на медиумот му носи само штета.
Јас одговорно можам да кажам дека едно денарче не сме добиле ниту од СДСМ како партија, ниту од компанија блиска на СДСМ, ниту од Владата, ниту каква било помош, вели тој и запрашан за спотовите на СДСМ за две години влада оделе на сите други телевизии, со тоа што во 1ТВ со помал медијаплан.
Првиот човек на 1ТВ Бојан Јовановски вели дека кога се покажало дека телевизијата е со сериозни новинарски имиња, инвестиција на многу труд, средба, желба и идеја, почнал да им пречи на „големите“.
Свесен сум дека им сметам и дека ќе бараат причина повеќе да нѐ дискредитираат, да ме контаминираат до онаа мера на тебе или на кој било друг да му биде срам и непријатно што работи во оваа телевизија, да му биде непријатно што седи во мое друштво, небаре човек убив, небаре државата ја оштетив. Јас сум многу среќен што во животот ниеднаш не злоупотребив ниедно денарче од граѓаните на оваа земја. Ниту оваа телевизија ниту кое било мое работење пред телевизијата неам проневерено или земено едно единствено денарче од граѓаните или од буџетот на РСМ, изјави Јовановски.
Порачува дека за ова треба да се запрашаат тие што со години се финансирале од граѓаните, кои си делат тендери меѓу себе, кои се збогатиле на штета на граѓаните, додека тој самиот нема криминално досие. Како што нагласи, новинарите во телевизијата добиваат редовна плата, според сите законски правила, со сите платени давачки. За напаѓачите на телевизијата, рече дека 1ТВ во ниеден момент не зборувала за капиталот на други сопственици на медиуми кои имаат уште 5-6 пропратни бизниси, а се прашуваат од каде му се парите него.
Доколку која било институција влезе во каква било истражна постапка, да побара од каде се моите средства, како е направена телевизијата, ќе види кристално чиста состојба. Сопственик 95 отсто е Миле Јовановски, јас не сум бидејќи мојата трансакциска сметка е блокирана поради тоа што на времето сум имал некаков судски спор со XY човек. Сопственик е Миле Јовановски заедно со Јасна Мандиќ. Средствата моето семејство ги има од уште многу поодамна. Првите со кои фамилијарно сме располагале се од 2003-2004 година кога беше денационализацијата. Во првата тура на моето семејство, за враќање на имотот каде што е стационирана ФАС „11 октомври“, има во тоа време добиено прилично добра сума. Тоа место му припаѓало на семејството на мојата мајка. Хартии од вредност тогаш има добиено мојот покоен дедо Љупчо Лазаревски, кој подоцна ги распределува на мајка ми, за него и на мојот вујко. Мојот татко има имот на друго место, па други постапки за денационализација. Имам и јас изминат труд од 15 години, сум имал и свои проекти кои не биле во Македонија, а се поврзани со човекови права, вели Јовановски.
Тој уште еднаш апелира до институциите, да ја истражат хајката и атакот врз него и врз медиумот.