Боки 13 нуди 143 илјади евра гаранција во имот за поблага казна од притвор

Преку 143.000 евра гаранција во имот, медицинска документација за чир на желудник како и докази дека Бојан Јовановски-Боки 13 кога бил притворен бил на граничен премин од каде ќе патувал на годишен одмор, беа гаранциите на Боки 13 и неговата одбрана кои денеска беа доставени и образложени на јавната седница пред судечкиот совет во Апелациониот суд Скопје по повод изјавена жалба на обвинетиот за укинување на мерката притвор.

Гаранцијата од имотот, како што појасни неговиот адвокат Сашо Дукоски, е половина од куќата на неговите родители и втората идеална половина од истиот објект во сопственост на негов прв братучед, како и дуќан на име на неговата мајка.

Јовановски пред советот се пожали на условите во притворското оделение бидејќи, како што рече според медицинските извештаи треба да одржува диететско-хигиенски режим бидејќи има чир на желудник кој веќе неколку пати се зголемувал. Боки 13 рече дека се чувствувал дискриминиран поради образложението за притворот дека немал формирано потесно семејство и потенцира дека тој е единствено обвинето лице кое не дало исказ пред обвинител бидејќи кога тоа требало да се случи, му се слошило од уцените од обвинителката Вилма Рускоска која го „терала“ да каже дека Катица Јанева или Фросина Ременски работеле нешто незаконски.