Боки 13 потврди дека крвичните се против политичари: Единствено ќе ме спречат доколку ме лишат од живот

Со порака дека единствен начин да го спречат е да го убијат, Боки 13 од Шутка потврди дека кривичните пријави ги поднесува против политичари од власта. Во писмо до јавноста кое што го прочита неговиот адвокат Сашко Дуковски, Јовановски вели пријавите се однесуваат на носители на јавни функции, кои се дел од актуелната власт, луѓе од нивните семејства и блиски до нив, како и бизнисмени. Се пожали и дека тој и неговото семејство цело време добиваат уцени и закани, од оние кои според неговите зборови знаеле дека ќе заработат кривични пријави.

-Одговорно ви тврдам дека нема да ме спречат во што и да сакаат да применат и било кои методи на уцени и на закани. Единствено ќе ме спречат доколку ме лишат од живот, односно доколку посегнат по мојот живот. Но, повторувам нема да ме спречат во мојата чесна граѓанска обврска и должност, ниту пак ќе ме спречат, ниту пак ќе ме спречат во мојата намера во борбата со вистинските криминалци и сторители на кривични дела, изјави Дукоски.

Јовановски бара и мониторинг од меѓународните институции и амбасадите во Македонија, бидејќи според напишаното во писмото, немал доверба во јавнообвинителскиот систем во Македонија. Се пожали дека побарал уште минатата година да ги поднесе кривичните, но бил одбиен од републичкиот јавен обвинител.

-Во месец ноември 2019 година побарав да бидам изведен пред јавниот обвинител на Република Македонија, Љубомир Јовески, но бев грубо и дискриминирачки одбиен преку негови изјави за медиумите, со што го доведе во прашање својот професионален и личен интегритет и дигнитет, бидејќи покажа селективност, предрасуди и исклучителна непрофесионалност делејќи и лични квалификации за мене, изјави Дукоски.

Пријавите кои Јовановски ги поднесува се однесуваат на 20 кривични дела, меѓу кои и обид за убиство, злосторничко здружување, изборна измама, тендерски местења, шпионажа. Дел од нив се поврзани со случаите „Рекет“ и  Меѓународен сојуз, но и кривични дела за кои јавноста не е запознаена, а Боки 13 тврди дека бил директен сведок.