Боки 13 повторно ѝ пиша на Агелер и ја замоли да го посети во најкус рок во Идризово

Бојан Јовановски во јавноста познат како Боки 13 по втор пат за нецел месец ѝ испрати писмо на американската амбасадорка Анџела Агелер во кое ѝ се жали за „нечовечкиот и нехуман третман во затворот“ како и од (не)постапувањето на Основниот кривичен суд Скопје и Управата за извршување санкции, а во врска со неговото барање за прекин на издржување на казната затвор за да може да оди на лекување. Истовремено тој тврди дека е мета на закани и уцени па затоа бара заштита од амбасадорката Агелер.

Во писмото Јовановски меѓу другото пишува дека иако е осуден и издржува казна затвор сепак и тој како и сите други треба и мора да ги ужива правата дадени со Уставот и законите. Тој уште се жали и на односот на претседателот на скопскиот Кривичен суд, Иван Џолев и се сомнева во сторен криминал при донесување на решението на судот да не му дозволи прекин на издржувањето на казната затвор.

„Судот, односно претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев, поради своите лоши намери и негативната тенденција кон мене изразени и видливи преку првостепеното решение со кое барањето за прекин го одби како неосновано, решение кое е под сомневање за сторен фалсификат и антидатирање, ги девалвираше и ја наруши кредибилноста на докторите специјалисти и субспецијалисти кои се докажани врвни стручњаци во областа и ги погази нивните издадени категорични и стручни препораки за моето понатамошно лекување, како единствени компетентни за оценка на мојата здравствена состојба. Воедно, важно за напомена дека единствен законски услов кој треба да биде исполнет за уважување на поставеното барање е мислење од здравствен работник, а во конкретниот случај има повеќе мислења кои со сигурност укажуваат на мојата животно загрозувачка состојба и дека лекувањето не може и не смее да продолжи во затворски услови, бидејќи може да настанат компликации кои може да завршат со смртоносни последици по мојот живот, сето ова потврдено на лице место во затворската установа од 11 доктори од Итната медицинска служба Скопје. Исто така важно за напомена е фактот дека на осудени лица им се овозможувал институтот прекин и за помали дијагнози и интензитет на болеста“, ѝ напиша Јовановски на амбасадорката Агелер.

Во писмото, Јовановски се жали и на (не)постапувањето на Управата за извршување санкции за која, како што вели, е незвисна од судот во своето одлучување.

Освен ова Јовановски ја информира Агелер за „отпочнувањето на кривично- правна операција со кодно име “Бумеранг”, пред Обвинителството за гонење организран криминал (ОЈО ГОКК) за то е и отворен предмет во ова обвинителство.

„За жал во нашата држава правото е заменето со неправото, криминалните девијантни појави од високите структури се покриени со наклонетоста и спрегата со правораздаваците кои што наместо да се борат со криминалот учествуваат во истиот и вистинските криминалци се на слобода и имаат активно учество во општата заедница која ја со нивното влијание и диктат ја прават несигурна заедница каде системот е целосно девастиран и ставен во функција на поединци-моќници за остварување на нивни лични цели и интереси, а поединците како во овој случај, јас Бојан Јовановски со прекар Боки 13, сме жртви на таквиот систем и осудени со нарачани незаконити судски пресуди, бидејќи, јас во свое лично име, говорам гласно, го користам правото на јавно информирање на негативните појави и состојби, ги барам моите законски права и можности и подготвен сум до крај да се борам против вистинските сторители на кривични дела кои мораат да бидат соодветно санкционирани, токму заради доброто на сега разрушената општа заедница во нашата држава. Во име на сето наведено Ве молам за разбирање, помош и заштита од ваша страна, бидејќи сум апсолутно загрозен“, ѝ напиша Јовановски на американската амбасадорка Анџела Агелер.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.