Бокс: Кличко нокаутиран од Ентони Џошуа

(© AP Photo / Peter Byrne)

Британскиот боксер Ентони Џошуа ги обедини титулите светски шампион во тешка категорија во верзиите Меѓународната боксерска федерација (IBF), Меѓународната боксерска организација (IBO) и Светската боксерска асоцијација (WBA), откако во саботата ноќта во Лондон пред 90.000 гледачи на фудбалскиот стадион „Вембли“ со технички нокаут во 11-та рунда го совлада Украинецот Владимир Кличко.

Британецот Ентони Џошуа во петтата рунда во нокдаун го испрати Владимир Кличко, но овој веќе во следната рунда својот четиринаесет години помлад ривал го прати на подот од рингот и се чинеше дека е поблиску до победата.

Меѓутоа, Џошуа закрепна и својата шанса ја дочека во 11-та рунда, до кога се чинеше дека мечот е нерешен. Во првиот удар од оваа рунда силно го затресе големиот Украинец кој наскоро се најде на подот. Кличко, сепак, иако со видни последици од серијата на противникот, продолжи да се бори, но во повторниот налет на 27-годишниот Британец повторно се најде на подот.

(© Nick Potts/PA via AP)
(© Nick Potts/PA via AP)

Судијата и тогаш не ја прекина борбата, иако беше очигледно дека Кличко ќе биде нокаутиран. Кога Џошуа набрзо уште еднаш го притисна противникот на јажињата и започна немилосрдна серија удари, судијата го прекина двобојот, прогласувајќи технички нокаут.

За Ентони Џошуа ова е 19-та победа во исто толку професионални борби и сите со нокаут, додека за Владимир Кличко во 69-от меч, можеби и последен во кариерата, ова беше петтиот пораз.

Разликата во годините меѓу противници  – 41-годишниот Кличко и 27-годишниот Џошуа, е деветтата во историјата од борбите за титулата во тешка категорија, и првата по 15 години, кога тогаш 26-годишниот Кличко му се спротистави на 41-годишниот Американец Реј Мерсер.

Посетата од 90.000 гледачи придонесе за рекорден приход на благајната на стадионот. Претходниот рекорд на боксерските мечеви беше постигнат во 2014 година во дуелот меѓу Британците Карл Фроч и Џорџ Гроувс, со околу 77.000 гледачи.

Покрај тоа, овој дуел привлече рекорден број публика на еден бокс меч во Велика Британија од 1939 година, кога борбата меѓу Лен Харви и Џок Макавој во лондонската арена „Вајт Сити“ ја следеле, исто така, околу 90.000 луѓе.