Болницата „Мала Богородица“ чека дозвола од Филипче за да стане ковид центар

Одлуката да се вклучат приватните болници во лекувањето на пациенти заболени од ковид-19 со што објектот „Мала Богородица“- старата „Систина“ ќе се користи како државно инфективно одделение, сѐ уште не почна да се реализира.

Министерот за здравство, Венко Филипче, уште кога го официјализираше договорот, пред нешто повеќе од една недела, посочи дека таа болница за неколку дена ќе биде целосно опремена. А, како што најави, стартуваа и прегооврите околу начинот на кој ќе функционира овој ковид-центар.

Од „Аџибадем Систина“ информираат дека објектот на поранешната болница „Мала Богородица“ е во финална фаза на опремување и адаптирање во ковид-центар.

„Како што веќе знаете, по прогласувањето на кризната состојба, на иницијатива на Министерството за здравство и министерот Венко Филипче беше одржана средба со претставници на трите приватни клиники во земјава. На барањето да се најде решение за дополнителни капацитети со овозможени услови, кадар, опрема и лекови за згрижување и лекување поголем број пациенти со Ковид -19, приватните клиниките одговорија позитивно. На разговорите кои се одржаа беше прифатен предлогот на „Аџибадем Систина“ токму објектот на поранешната болница „Мала Богородица“ да се користи како нов ковид-центар.

Ве информираме дека по постигнатиот устен договор од министерот за здравство, „Аџибадем Систина“ веднаш почна  да го опремува овој капацитет и да го адаптира објектот во ковид-центар, на сопствен трошок“, велат од „Систина“.

Оттаму посочуваат дека капацитетите засега не може да се стават во функција  бидејќи Министерството за здравство во моментот сѐ уште нема издадаено дозвола на трите приватни болници за да можат да го користат објектот како ковид-центар. Исто така, се очекува издавање на дозволата за станица за довод на кислород, кој е неопходен за третман на ковид-пациентит.

Според договореното на средбите, Министерството за здравство ќе координира која од приватните болници како и со колку ќе учествува во трошокот на овој капацитет. Министерството треба да предложат кои двајца доктори ќе управуваат со овој ковид-центар, а се очекува Фондот за здравствено осигурување да го понуди Договорот за соработка.

„По исполнување на овие договорени заемни обврски и по проценката на Министерството за здравство дека им се потребни дополнителни капацитети, „Аџибадем Систина“ е подготвена за неполни 24 часа да прими пациенти во објектот“, информираат од Систина.