Болно и мачно сценарио на ЕУ за отстранување од власт на СДСМ

Тектонски поместувања во политичката сцена во Европа почнаа денеска. Објавата на италијанскиот „ЛаВерита“, во однос на случајот „Рекет“, кој пак веќе со недели ја тресе Македонија, е стартот. Несомнено. Нема двоумење. Италијанскиот медум директно ги обвинува Федерика Могерини и Жан-Клод Јункер, првите луѓе на Европската унија. Вториот веќе е бивши функционер, а на првата и следува шут карта. Допрва ќе видиме какви ќе бидат последиците по нив, ама и по нивните пулени. Во Македонија, на пример – Зоран Заев.

Очигледно новите политички сили кои ја управуваат Европската унија, нема да имаат милост кон претходниците. Битката почна од Македонија. Денеска. Со силен удар. Очигледно е дека видео записот кој го објави италијанскиот медиум е дел од доказниот материјал на Вилма Рускоска и јавното обвинителство за случајот „Рекет“. Онаа Русковска за која Зоран Заев деновиве грчевито се бори. Исто како што претходно се бореше за Катица Јанева. Да таа Русковска што е на годишен одмор, а го води најскандалозниот случај во историјата на независна Македонија. А, додека е на одмор Заев не’ убедува преку видео порака дека „ова е време во кое правдата стапува на сцена, време во кое не смее да има штедење во борбата против криминалот и корупцијата. Никој не е привилегиран и никој нема да биде амнестиран. Го охрабруваме Јавното обвинителство да продолжи во оваа борба, без разлика до кого ќе стигне низ истрагата“.

Во објавата италијанскиот медиум удира директно на врвот на власта во Македонија, на Заев, за кој тврди дека е инсталиран по директива и ќеиф на одредени луѓе и политичари, и удира директно на Катица Јанева, Специјалниот јавен обвинител во оставка. Се гледа дека не им е на арно хороскопот на овие наши сограѓани. Новинарот, кој ја истражувал целата приказна, за кратко време по објавата во „ЛаВерита“, на својот профил на „Фејсбук“ објави дека ова е само почеток. Ќе има уште. Најави објавување шокантни документи. Ние ќе се стрпиме. Ќе почекаме. Не дека не знаеме дека ни инсталираа власт, која не е по воља на мнозинството. Па, таа политичка опција изгуби на последните парламентарни избори, се удави во тињата на ланскиот референдумот за името. Јасно ни е се’ тука. Ама, рака на срце мислам дека никој во Македонија не очекуваше ваква коњаница, придружена со тешка артилерија да пристигне на помош. Отворено да го каже со име и презиме виновникот за понижувањето на цела наша нација. Ние овде, локалниот виновник си го знаеме. Со име и презиме. Знаеме и дека тој имаше отворена поддршка од тие таму кај нив. Ама сега е друго. Сега пиштат алармите во Брисел. Јавно се зборува таму, за она што ние тука си го знаеме, и мислевме дека нема кој да го чуе. Ете, имало господ. Имало надеж дека во Македонија навистина доаѓа времето кога ќе има нормално владеење на правото. Пиштат алармите во Брисел и дека Македонија е на крив пат. Трасиран од Јункер и Могерини, и нивниот локален пулен Заев. Џаде на нефункционална демократија. На мафијашки принципи на функционирање, организирани директно од државното раководство на чело со премиерот на Македонија. А, доаѓа надежта дека многу скоро ќе успееме да излеземе од темнината и од тоа криво џаде. Дека Македонија ќе си го најде својот пат кон функционална демократија. Кон нормална држава, нормално општество, со нормални системи на функционирање.

Болно и мачно ќе биде за СДСМ и Зоран Заев нивното отстранување од власта во Македонија, кое денеска Европската унија го започна. Сам почеток, а директен силен удар. Да не си им во кожа до парламентарните избори, без разлика дали ќе бидат редовни или предвремени.

Еее, а само кога ќе ми текне на владиниот ГенСек и неговите ставови за Италија… како што велеше тој – генерално за сите оние под екваторот.

Автор: Дејан Николовски

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.