Болоња подобра од Наполи во последното коло, отпишаните ремизираа

135
ANSA/GIORGIO BENVENUTI

Во првите два натпревара од последното 38-мо коло на италијанското фудбалско првенство, кои немаа значање за конечниот изглед на табелата, Фросиноне и Киево одиграа без голови, додека Болоња со 3:2 го победи Наполи.

Фросиноне следната сезона ќе се натпреварува во Серија Б, откако сезоната ја заврши на 19-то место со 25 бодови, најмалку 13 бодови помалку од првата позиција на табелата која гарантира опстанок. Зад него е само Киево, кое првенството го започна со три бодови во минус поради административна казна, но во продолжение победи само на два натпревара и 14 пати ремизираше собирајќи на крајот само 17 бодови.

Болоња и Наполи растоварени од секаков притисок одиграа допадлив и ефикасен натпревар за престиж. Домаќините имаа водство од два гола кое вицепрвакот го анулираше, но на крајот победија.

Стрелци за Болоња беа Федерико Сантандер во претпоследната минута од првото полувреме, а на самиот почеток од второто на 2:0 зголеми Блерим Џемаили. Потоа Наполи израмни преку Фаузи Гулам, во 58 и Дриес Мартенс во 79 минута, но десет минути подоцна Болоња дојде до победата со вториот погодок на Сантандер.

Наполи првенството го заврши со 79 бодови, на второто место далеку зад Јувентус и далеку пред моментално третата Аталанта. Болоња моментално е на половина од табелата со 44 бодови.

Во недела се очекува големиот расплет во кој Аталанта, Интер и Милан, па можеби и Рома, ќе се борат за преостанатите две места кои водат во Лигата на шампионите, а Торино ќе се надева на среќа да се квалификува во квалификациите за Лига Европа откако минатото коло со 1:4 беше поразен кај Емполи кое се бори за опстанок.

Неделните дуели треба да го дадат одговорот на прашањето и дали Џенова на Горан Пандев ќе успее да го сочува прволигашкиот статус. Моментално е 18-та со 27 бодови, бод помалку од Емполи и три од Удинезе. Во спротивно преку доигрување ќе мора да се обиде да остане и следната сезона во Серија А.

Во недела се играат дуелите: Торино – Лацио, Сампдорија – Јувентус, Аталанта – Сасуоло, Интер – Емполи, Фиорентина – Џенова, СПАЛ – Милан, Калхари – Удинезе и Рома – Парма.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.