Болоња со гостинска победа, Удинезе подобар со три пенала

Во средбите од 7-то коло на италијанското фудбалско првенство Болоња со 1:0 (0:0) ја совлада Џенова на нејзин терен, додека Удинезе високо со 4:0 (1:0) ја победи Сампдорија, откако реализираше три удари од белата точка.

Стрелец на единствениот гол за Болоња беше ветеранот Родриго Паласио во 73 минута. Џенова така остана на само два освоени бода во првенството и е на претпоследното 19-то место, додека Болоња е деветта со 11 бодови.

Претходно Удинезе три од своите четири погодоци постигна од пенали во победата над Сампдорија. Првиот казнен удар го реализираше Де Пол во 27 минута, вториот Макси Лопез во 66 минута а овој играч беше и стрелец на единствениот гол од игра во 85 минута, додека Фофан го реализираше пеналот досуден во петтата минута од судиското продолжени.

Со оваа победа Удинезе се искачи на 14-то место со 6 бодови, додека Сампдорија е на 8-то место со 11 бодови.

На врвот од табелата се Наполи и Јувентус со максималните 18 бодови од првите шест кола.

Во недела се играат дуелите: Наполи – Каљари, Беневенто – Интер, Киево – Фиорентина, СПАЛ – Кротоне, Лацио – Сасуоло, Торино – Верона, Милан – Рома и Аталанта – Јувентус.