Болсонаро ја поддржува имиграциската политика на Трамп

Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро ја поддржа имиграциската политика на американскиот претседател Доналд Трамп во пресрет на нивната средба во Белата куќа, истакнувајќи дека го поддржува ѕидот на американско-мексиканската граница и оти повеќе мигранти во САД немаат добри намери.

Жаир Болсонаро, поранешен офицер и командос во бразилската армија, стана претседател благодарејќи на антиестаблишмент и антисистемската кампања според примерот на онаа на Доналд Трамп од 2016 година, кога вети нова ера на проамериканска политика во најголемата земја во Латинска Америка.

Бразилскиот претседател во пресрет на посетата на Белата куќа ги укина визите за американските посетители кои доаѓаат во Бразил, а доцна во понеделникот во разговорот за телевизиската мрежа Fox News застана зад имиграциската политика на Трамп која вклучува и градењето ѕид на американската граница со Мексико.

„Се согласувам со одлуката и предлогот на Трамп за ѕидот. Повеќето потенцијални мигранти немаат добри намери. Не планираат да дадат сѐ од себеси и да бидат добри кон американскиот народ. Многу би ми се допаднало доколку САД би ја задржале моменталната имиграциска политика, бидејќи во голем дел нашата демократија на јужната хемисфера им ја должиме на Соединетите држави“, рече Болсонаро.

Болсонаро, како поранешен воен командант дојде на власт со пофалби за воената хунта во Бразил која ја имаше поддршката на САД, а владееше со Бразил две децении по враќањето на демократијата во 1985 година. Во својата кампања ја користеше и реториката од Студената воја за „потребата од борба против и натаму присутната закана од комунизмот“.

Од неговата инаугурација во јануари Болсонаро ги усвои елементите од стилот на Трамп, како што е потсмевањето со политичките противници на Twitter и критики на медиумските написи кои се спротивни на неговите ставови нарекувајќи ги лажни вести.

Иако не открива премногу за неговиот распоред во Вашингтон, Болсонаро рече дека со американскиот претседател ќе разговараат и за сѐ подлабоката политичка и економска криза во Венецуела. Бразилскиот претседател истакна дека неговата држава е најзаинтересирана за соборувањето на владата на левичарскиот венецуелски претседател Николас Мадуро која нејасно по кој повод ја нарече „диктатутра на криумчарот на дроги“.