Болсонаро му порача на новинар дека ќе го „плесне по муцката“

Бразислкиот претседател Жаир Болсонаро во неделата му порачал на новинар дека ќе го „плесне по муцката“, бидејќи му поставил прашање за наводната поврзаност на неговата сопруга со наводен корупциски скандал.

„Така би ве плеснал по муцката“, му рекол екстремно десничарскиот бразилски претседател на новинарот на медиумската корпорација O Globo, кога го слушнал неговото прашање.

Болсонаро ги игнорирал протестите на другите новинари по истапот и си заминал без дополнителни коментари.

Новинарот бил во групата која со Болсонаро се сретнала по неговата редовна неделна посета на католичката метрополитенска катедрала во Бразилија.

Новинарот на O Globo поставил прашање во врска со пишувањето на магазинот Crusoe во кое првата дама Мишел Болсонаро се поврзува со Фабрисио Квеироза, пензиониран полициски функционер и пријател на претседателот Жаир Болсонаро и поранешниот советник на нејзиниот син Флавио Болсонаро, кој сега е сенатор.

Квеироз и Флавио Болсонаро се под истрага поради наводни измами со платите на вработените во владината администрација додека помладиот Болсонаро бил регионален пратеник во сојузната држава Рио де Жанеиро и пред неговиот татко да стане претседател во јануари 2019 година.

Според написот, Квеироз ги положил парите во банка на Мишел Болсонаро во периодот меѓу 2011 и 2016 година. Првата дама на Бразил не го коментираше написот.

Набрзо по гестот на Болсонаро, O Globo објави изјава отфрлајќи ја неговата „агресија… кон новинарот од нашиот весник кој ја извршуваше својата работа на професионален начин“. „Ваквото заплашување покажува дека Жаир Болсонаро не ја признава должноста на јавните личности… да се биде одговорен пред јавноста“, се додава во реакцијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.