Болтон оцени дека самитот во Ханој бил успешен

Самитот во виетнамската престолнина Ханој каде се сретнаа американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот челник Ким Џоннг-ун беше успешен, иако беше порано завршен и не беше објавена заедничка изјава, оцени во неделата советникот за националната безбедност на Белата куќа, Џон Болтон.

„Не сметам дека овој самит беше неуспешен. Мислам дека беше успешен, бидејќи претседателот ги штитеше и промовираше американските интереси“, рече Џон Болтон во емисијата „Face the Nation“ на телевизиската мрежа CBS News.

Џон Болтон важи за поборник на тврдата линија во дипломатијата. Во март 2018 година, додека сѐ уште не беше член на администрацијата на претседателот Доналд Трамп, во напис објавен во весникот Тhe Wall Street Journal оцени дека е „легитимно“ САД први да ја нападнат Северна Кореја за да го неутрализираат нејзиниот нуклеарен арсенал.

„Претседателот во текот на самитот се придржуваше до својот концепт на прифатлив договор и ги зајакна своите односи со Ким Џонг-ун. Освен доколку не мислите дека лош договор би бил подобар од никаков договор. За мене тоа беше успех“, рече Болтон.

Оцени дека севернокорејскиот предлог трајно и целосно да го демонтираат нуклеарниот комплекс во Јонгбјон бил „многу ограничена отстапка“. Трамп бил подготвен да се согласи на укинувањето на економските санкци во замена за демонтирање на сите севернокорејски нуклеарни постројки.

„Ким Џонг-ун на самитот во Сингапур во јуни 2018-та рече дека заедно ќе минеме бројни етапи пред да го склучиме договорот. Средбата во Ханој беше една од тие етапи. Претседателот е подготвен да ги продолжи разговорите“, заклучи Болтон.

Претходно во неделата Јужна Кореја и САД потврдија дека повеќе нема да ги организираат годишните големи воени маневри на кои често со нуклеарни или ракетни тестирања одговараше Пјонгјанг, оценувајќи дека тоа се подготовки за американска инвазија. Командите на двете земји велат дека со оваа одлука ги поддржуваат „дипломатските напори за целосна денуклеаризација на Корејскиот полуостров“. Болтон во разговорот за CBS истакна дека не станува збор за нова одлука, и потсети дека претседателот Трамп уште минатото лето одлучи да се откаже од тие вежби, сметајќи ги за прескапи и неефикасни.