27.1 C
Skopje
петок, април 26, 2019

„Бомбашки“ приказни

519

Бидејќи повторно во јавноста се актуелизираше прашањето со статусот на Специјалното јавно обвинителство, а непосредно поврзано со СЈО е и иднината на незаконски прислушуваните разговори, популарно наречени „бомби“, сметам дека има некои работи кои не треба да останат некажани и без анализа. Секако, и да се повторат некои прашања кои никогаш не беа одговорени, а кои се клучни за поимање на целиот животен век на овие „бомби“, почнувајќи од нивната генеза, обелоденување и искористување за различни цели.

Првично, да погледнеме одредени факти околу „бомбите“.

Неспорно е дека бомбите се дел од арсеналот на СДСМ во политичката војна која ја водат со своите политички противници. Тие се одлично оружје кое нон-стоп е на готовс и се употребува по потреба кон таргетите на власта и политичките противници. Како последица на оваа констатација, може да се каже и дека “бомбите” се еден од основните столбови на архитектурата на политичка репресија која ја изгради власта.

Следен факт е дека внесувањето на „бомбите“ во судскиот систем беше моментот кога „бомбите“ добија неограничена вредност како средство за уцена и заплашување на противникот. И покрај тоа што голем дел од јавноста и познавачите на правото истакнуваа дека законитоста на одредени докази кои се употребуваат во судски процеси го подразбира и законитиот начин на нивно прибавување, односно дека „бомбите“ не може да се користат затоа што се „плодови од отровно дрво“. Со овој преседан кој се направи, „бомбите“ може да се користат како оружје во психолошкото војување против политичките противници и не треба да се занемари ефектот на заплашување кој ќе го имаат кај сите оние кои биле прислушувани, а кои постојано се под мисла дали тие незаконски стекнати разговори некогаш ќе бидат употребени против нив, и за која цел.

Освен овие факти, сакам да поставам и неколку логични прашања, на кои никогаш во изминативе три години не се дадоа одговори.

Прво, зошто не се истражи најпрво изворот и потеклото на снимките, туку веднаш се премина кон дискусија за содржината која ја има на тие снимки, со што беше направен голем удар на кредибилитетот и веродостојноста на тие разговори? Дали не можеле да се направат обработки на тие снимки и нивно монтирање?

Второто прашање е зошто првичниот наратив дека имало масовно прислушување од страна на тогашната власт, подоцна се замени од наратив дека не прислушувала власта, туку свиркачи од службите, кои биле поттикнати од нарушувањата на приватноста и злоупотребите кое го прави власта? Ако е така, каде се снимките на кои се снимани новинари и функционери на СДСМ? Зошто на снимките има само лица од тогашната власт? Кој би се снимал сам себе?

Трето, дали беше пропаганден трик првата „бомба“ која ја слушнавме, разговорот на Зоран Заев со ќерка му? Нели мислите дека по важност и по тежина на следена комуникација, оваа комуникација нема никаква тежина? Ако Заев бил таргет, би го снимиле како разговара со Оливер Спасовски или со некои странци или со новинари или со коалициони партнери. Било која комуникација од овие наведениве, има поголема тежина од неговиот разговор со ќерка му. Ефтин пропаганден трик, за да се виктимизира Зоран Заев и да се претстави како жртва, дека еве дури и кога зборува со своето семејство е прислушуван, и нема никаква приватност. Па, ова да не донесе до заклучок, штом го снимаат дури зборува со семејството, и повеќе од сигурно е дека му ги снимаат и сите други разговори. Тоа ли беше целта на овој трик?

Како заклучок, сакам да напоменам дека и покрај изјавата на министерката за правда, дека во иднина „бомбите“ ќе можат да се користат само како индиции за сторени кривични дела, а обвинителите од СЈО, врз основа на овие индициите би биле приморани да бараат нови цврсти докази за да ги поткрепат идните обвиненија, сепак останува фактот дека „бомбите“ се одлично средство за остварување на политички уцени и во иднина, и јас сум сигурен дека голем број на „бомби“ не се предадени во СЈО и дека завршиле во приватни сефови, а кога ќе се појави потреба, ќе бидат искористени.

Автор: Александар Нацев за НетПрес

Skin Delight

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.