Бомбата на Заев е нова заблуда на македонската политика

2015 ќе биде година на политички план без драматични поместувања. Политичкиот аналитичар, Ивица Боцевски во интервју за порталот „Прес 24“ вели дека очекува во текот на годината, и покрај обидите да се одржува во живот „стратегијата на тензии“, ќе се расчисти шумот и буката, па ќе можеме многу појасно да се видат работите. А таму, според Боцевски нема Бојкот на Парламентот, туку криза на идентитет на опозициската СДСМ.

– Каков е тој бојкот кога земате пратеничка плата и уживате во поволностите што Ви ги дава статусот пратеник, од статусот во општеството, преку дипломатските пасоши, па се до најситните поволности. Едноставно, СДСМ не се појавува во Собранието мислејќи дека тоа се нарекува бојкот. Но, јас за таков бојкот не сум слушнал. Колку повеќе се согледува глупоста на нивниот приод, толку повеќе се зголемува нервозата, буката и гневот што излегува од „Бихаќка“. Каква друга алтернатива имаат тие освен да започнат да се појавуваат на работа? Ќе прават протести, насилно ќе влезат во институциите, ќе земат пушка в рака, па ќе заминат во планина?, вели Боцевски во интервјуто за Прес24.

Кризата на идентитетот на СДСМ е главната пречка за развојот на опозицијата во Македонија. Боцевски смета дека социјалдемократите се состојба во која едноставно чекаат на народоот д аму здосади од ВМРО-ДПМНЕ, надевајќи се дека така ќе гласа за нив, но тоа не се случува.

– „Бомбата“ на Заев ќе остане уште една голема заблуда во современата македонска политика, но многу помала од заблудата наречена „15 септември“, вели политичкиот аналитичар

– Таа партија е формирана како гранка на глобалниот, поточно на југословенскиот комунизам, но целокупниот свој идеолошки и утописки капитал го троши некаде во длабокиот комунизам. Оттогаш тоа е партија на комунистичката елита, таканаречената номенклатура. Затоа тие не се способни да се снајдат во демократски услови. Во 1990-тите години, кога инерцијалниот момент од комунизмот беше сеуште силен, тие успеаја да го продолжат својот монопол врз општеството, економијата, политиката и културата, а преку приватизацијата тие ги избраа и новите „победници“ во новото пазарно стопанство. Сеуште кај економската, бирократската, судската, културната и образовната елита доминираат кадрите на СДСМ, некогашниот СКМ, и нивното биолошко потомство. Меѓутоа, четврт век демократизација на Македонија си го прави своето, па полека се менуваат нештата, односно во сите сфери на живеењето се случува плурализам. Нема веќе една вистина, еден водач и една партија! Затоа е и ова пиштење, лелек и викотници од „Бихаќка“. Се распаѓа нивниот свет каде што тие се самопрогласени авторитети, без притоа да се потрудат да го потврдат своето знаење и умеење, па во таа паника тие сметаат дека целиот свет е во распад, потенцира во интервјуто за Прес24, Боцевски.

Протестите на студентите, дел од професорите и протестот на хонораците, според Боцевски покажа дека постои бран на незадоволство, но уште појасно покажа и дека тој бран на незадоволство не се слева на адресата на СДСМ.

– Воедно, се покажа и дека политичарите од владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои биле одговорни за политичка промоција на овие владини политики, многу потфрлиле во вршењето на своите функции, па на крајот мораше и самиот премиер Груевски да се вмеша и на свој грб да ја земе одбраната и објаснувањето на овие владини проекти. Сметам дека во ВМРО-ДПМНЕ допрва ќе ги разгледуваат овие слабости, а посебно работата на некои внатрешни партиски тела, од кои прва на преиспитување треба да се најде УМС и партиските ресорски комисии, вели Боцевски.

Ивица Боцевски во интервјуто ги анализира и изјавите на американскиот амбасадор за техничка влада, како и состојбите на надворешен план, особено по најавите за засилување на руското влијание на Балканот.

Руско присуство нема во Македонија. Која е македонската про-руска партија? Која руска банка е сериозен играч во македонската економија? Колку Македонци течно го зборуваат рускиот јазик? Која руска телевизиска серија е популарна во Македонија, вели Ивица Боцевски, политички аналитичар.

*Мината година заврши со најави за жешка политичка пролет од страна на опозицијата. Какви се според Вас проценките, што може да се очекува на политичката сцена во Македонија оваа 2015 година?

БОЦЕВСКИ: Долгогодишната криза на СДСМ останува белег на македонската политика и во оваа 2015 година. Тие и самите се доволно свесни дека немаа моќ да се соочат со ВМРО-ДПМНЕ на избори, па затоа се соочуваат со тешка криза на идентитетот. Таа партија е формирана како гранка на глобалниот, поточно на југословенскиот комунизам, но целокупниот свој идеолошки и утописки капитал го троши некаде во длабокиот комунизам. Оттогаш тоа е партија на комунистичката елита, таканаречената номенклатура. Затоа тие не се способни да се снајдат во демократски услови. Во 1990-тите години, кога инерцијалниот момент од комунизмот беше сеуште силен, тие успеаја да го продолжат својот монопол врз општеството, економијата, политиката и културата, а преку приватизацијата тие ги избраа и новите „победници“ во новото пазарно стопанство. Сеуште кај економската, бирократската, судската, културната и образовната елита доминираат кадрите на СДСМ, некогашниот СКМ, и нивното биолошко потомство. Меѓутоа, четврт век демократизација на Македонија си го прави своето, па полека се менуваат нештата, односно во сите сфери на живеењето се случува плурализам. Нема веќе една вистина, еден водач и една партија! Затоа е и ова пиштење, лелек и викотници од „Бихаќка“. Се распаѓа нивниот свет каде што тие се самопрогласени авторитети, без притоа да се потрудат да го потврдат своето знаење и умеење, па во таа паника тие сметаат дека целиот свет е во распад.

Нејсе, кризата на постоењето на СДСМ е долготраен белег на македонската политика во 21-иот век. Тие никогаш не успеаја да се реформираат, да се дефинираат, да понудат искрена политичка платформа и тим што граѓаните ќе го препознаат. Нивната стратегија сега се состои во тоа да чекаат на народот да му смачи од ВМРО-ДПМНЕ, па ним да им ја довери целата власт. Токму затоа главната политичка активност на СДСМ, веќе подолг период, се состои во тоа да го елиминира секое можно опозициско политичко или општествено движење кое што би можело да им ја загрози позицијата на главна опозициска партија. Меѓутоа, ова е јалова стратегија. Сега нештата повторно ги предефинираа, па одат на „стратегија на тензии“ и „стратегија на расцеп“, која што најдобро ја дефинираше нивниот поранешен лидер, Бранко Црвенковски, „или ние, или тие“, но очигледно кога граѓаните се соочуваат со овој избор, победата ја однесува ВМРО-ДПМНЕ.

Престојната година веројатно нема да има нови избори затоа што такви, прво, воопшто не се потребни, а, второ, затоа што ниту еден чинител не ги посакува. Македонската политичка сцена влегува во новата 2015 година со истиот сооднос на главните политички сили, како и при предвремените парламентарни избори од 2014 година, а очекувам дека во текот на годината, и покрај обидите да се одржува во живот „стратегијата на тензии“, ќе се расчисти шумот и буката, па ќе можеме многу појасно да ги гледаме нештата.

*Формално политичкиот дијалог власт опозиција не е прекинат, суштински на терен, барем за јавноста нема информации за какви било преговори. Можно ли е да се очекува некаква завршинца врз основа на договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ?

БОЦЕВСКИ: Значи, во Македонија нема бојкот на парламентот или бојкот на институциите. Каков е тој бојкот кога земате пратеничка плата и уживате во поволностите што Ви ги дава статусот пратеник, од статусот во општеството, преку дипломатските пасоши, па се до најситните поволности. Едноставно, СДСМ не се појавува во Собранието мислејќи дека тоа се нарекува бојкот. Но, јас за таков бојкот не сум слушнал. Колку повеќе се согледува глупоста на нивниот приод, толку повеќе се зголемува нервозата, буката и гневот што излегува од „Бихаќка“. Каква друга алтернатива имаат тие освен да започнат да се појавуваат на работа? Ќе прават протести, насилно ќе влезат во институциите, ќе земат пушка в рака, па ќе заминат во планина? Ништо од тоа …

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ одлучуваат да им остават простор и време за преиспитување на нивните одлуки, но секако дека нема беспотребно да направат потези на своја штета. Најлош потег би биле некакви дополнителни избори. Јас сум сеуште фрапиран како било можно, по толку бројни тркалезни маси и консензуални измени на изборното законодавство, да се остави една таква нелогичност во изборното законодавство, какво што се дополнителните избори во услови на пропорционален изборен модел. Дополнителните избори не само што би го нарушиле принципот „еден човек – еден глас“, туку би ја поткопале и легитимноста на Собранието. Бројот на пратеници за ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ДПА, НДП и ГРОМ е определен во сооднос на гласовите на СДСМ, па поништувањето на овие гласови преку дополнителните избори ги поништува соодносите, а со тоа и мандатите на останатите пратеници. Но, добро е што тоа навреме се согледа, па нема да има дополнителни избори. Исто така, со оваа чудна одлука на Трајко Велјановски да им дава полни плати на пратениците на СДСМ, дополнително им се остава простор за размислување.

Како тие ќе постапат е друго прашање, но факт е дека ним им гори под нозете, а не на ВМРО-ДПМНЕ.

*Најголемата опозициска партија и натаму стои нанајавите дека ќе ги обелодени скадалите и како што ги нарекуваат бомба информациите, но досега такво нешто не се случува. Образложението на претседателот на СДСМ, Зоран Заев е дека тоа ќе го направат кога за нив е најпогоден момент. Што е тоа што СДСМ го очекува како погоден момент?

БОЦЕВСКИ: Зоран Заев ја заврши својата политичка кариера утредента по првиот круг од претседателските избори кога обелодени некаков телефонски разговор, со надеж дека таквата „бомба“ ќе направи некакво чудо во македонската политика. Не само што никакво чудо не се случи, туку „бомбата“ на нашиот „бомбаш-самоубиец“ му пукна в раце.

Најавата за бомба нему му овозможи дополнително да си го продолжи животот на политичката сцена. Многумина во Македонија се уште веруваат дека партија како СДСМ, полувековна единствена партија во македонскиот комунизам, е една сериозна партија, која што водат сериозни луѓе, па сметаат дека постои некаков план и некаков здрав разум зад постапките на нејзиното раководство. „Бомбата“ на Заев ќе остане уште една голема заблуда во современата македонска политика, но многу помала од заблудата наречена „15 септември“.

*Американскиот амбасадор во заминување, Пол Волерс во интервју за Сител даде една оценка дека техничка влада не е екстремно барање. Посочи дека тоа било практика на многу држави каде што тој живеел. Таа изјава како д аја живна опозицијата во Македонија. Со која цел и зошто според Вас, Волерс даде таква енергија на опозицијата?

БОЦЕВСКИ: Пол Волерс е амбасадор на САД. Во целокупната своја историја, САД никогаш немал техничка влада, ни при војната за независност, а ни при Граѓанската војна, најголемата криза со која што оваа држава се соочила. Обезбедувањето на континуитет на владеењето е апсолут во американскиот политички систем и тие немаат ништо „техничко“ онаму каде што треба да постои само „политичко“.
Така и Македонија, исто како и секоја друга нормална демократска држава, не смее да има ништо техничко, онаму каде што е потребен политички мандат. Техничка влада имаат државите во распад, со скршени политички системи и длабоки кризи, а не државите каде што имало историски висока победа на една партија на изборите. Легитимитетот на ВМРО-ДПМНЕ е неспорен, потврден на демократски избори, па секоја авантура во која што би се впуштиле да преговараат за „техничка влада“ со СДСМ, само затоа што на овие така им текнало, може скапо да ги чини пред нивните сопствени бирачи. Впрочем, едно време Љубчо Георгиевски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ бараше „чиновничка влада“ во Македонија, па СДСМ може да го прочита одговорот што тогаш им го даде на ВМРО-ДПМНЕ.

Другата голема заблуда и дека оваа влада немало да организира избори, односно дека на шест месеци пред изборите требало да се прават некакви технички влади, каде што СДСМ би ги контролирал министерството за финансии и министерството за внатрешни работи. „Гладна кокошка, просо сонува“ вели нашиот народ. Актуелната влада на Никола Груевски ќе трае се до изборото на нова влада во Собранието што ќе се конституира по следните парламентарни избори, кога и да се одржат тие, парламентарни избори што ќе ги организира оваа влада и ДИК.

*Некои политички аналитичари оценуваат дека бомбата за која зборува Заев, всушност е организирање пролетни социјални немири во државата. Во тој контекст можат да се сместат и неколкуте настани од крајот на 2014 и почетокот на оваа 2015 година?

БОЦЕВСКИ: Марјан, што си се обземал толку со таа бомба? Навистина не ја разбирам потребата во Македонија да се прават анализи, врз основа на кафеански муабети и јуначења. Заклучоци треба да се извлекуваат од фактите, а не од личните желби и влажни сништа.

Мислам дека кон крајот на минатата година се случија два интересни протести. Првиот беше оној организиран од Студенскиот и од Професорскиот пленум, а вториот беше оној од хонорарците.

И едниот и другиот протест покажа дека во Македонија постои бран на незадоволство, но уште појасно покажа и дека тој бран на незадоволство не се слева на адресата на СДСМ. Воедно, се покажа и дека политичарите од владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои биле одговорни за политичка промоција на овие владини политики, многу потфрлиле во вршењето на своите функции, па на крајот мораше и самиот премиер Груевски да се вмеша и на свој грб да ја земе одбраната и објаснувањето на овие владини проекти. Сметам дека во ВМРО-ДПМНЕ допрва ќе ги разгледуваат овие слабости, а посебно работата на некои внатрешни партиски тела, од кои прва на преиспитување треба да се најде УМС и партиските ресорски комисии.

Во однос на државниот испит јас излегов со поддршка на проектот затоа што сметам дека ништо не може да биде полошо од актуелната состојба, како и дека државниот испит може да биде првото придвижување нанапред. Бројките покажуваат дека сеуште сме некаде на самото дно на европската лига кога станува збор за образованието, но и дека јазот помеѓу нас и најуспешните се зголемува со секоја измината година. Вложувањата во образованието се клучни затоа што во 21-иот век земјите ќе бидат онолку успешни, колку што се квалитетно образование и подготвени за натпревар на глобалниот пазар нивните државјани. Мене ми е многу криво што се создаде вештачки јаз помеѓу владата, од една страна, и некои извонредни професори, од друга страна, како што се, на пример, професорките Ванковска и Силјановска. Јасна е политичката волја на владата за реформи и за промоција на квалитетот, а токму професори од нивниот калибар највеќе ќе се издигнат по успешно спроведените реформи, затоа што тие нивната позиција ја заслужиле со работа и одговорно се однесуваат кон академската професија. За жал, од целата оваа ситуација корист влечат оние што академската позиција си ја разбираат како феудално лено, или статус без одговорност, до каде што стигнале благодарение на партиска припадност, семејсни врски или други матни причини.

Студентскиот пленум доколку издржи во своите намери за да ја фокусира дискусијата на вистинските проблеми на студентите, тогаш можеби ќе присуствуваме конечно на раѓањето на автентичното македонско цивилно општество. Меѓутоа, јас сум многу скептичен дека такво нешто ќе се случи затоа што забележувам како општествените и политичките „вампири“ полека, но сигурно влегуваат и во нивните редови.

Во однос на хонорарците, пак, ќе повторам дека и тука потфрлија политичарите кои што требаше политички да го обработат теренот и да им ги објаснат на граѓаните придобивките од оваа реформа. Воедно, тука имавме интересна ситуација кога паднаа маските, па видовме дека во Македонија левицата одамна е погребана. Протестите, иако номинално ги организираше македонската левица, не беа левичарски, туку типично ситнобуржоаски, односно малограѓански по македонски, излезен од учебниците по општествени науки. Средната класа има интерес да плаќа минимални даноци и придонеси, а за сметка на тоа да ги ужива сите јавни добра и да ја има целата заштита на државата на благосостојбата. Па, затота протестите беа токму протести на средната класа против мерка за подобрување на правата на работничката класа и на сиромаштијата. Јас веќе реков дека кога требаше да гласаат со џебот, македонските левичари ги избраа Маргарет Тачер и Роналд Реган, за сметка на Карл Маркс и Вили Брант.

Сепак, овие два протеста за мене се многу интересни случувања. Конечно политиката во Македонија се врзува за реални прашања кои се одразуваат врз животот на граѓаните, наместо на „епските“ и „митските“ теми од 1990-тите. Македонската демократија и македонската држава созреаја, па редно беше да се зафатиме со асални теми.

*Во истото интервју, за кое зборувавме предмалку, Волерс беше експлицитен и за едно друго прашање. Децидно посочи дека САД немаат, односно и дека воопшто и не работат на моментот Грција да биде притисната да се откаже од ветото за влез на Македонија во НАТО. Таа изјава, дека единствен пат за членство е решение на спорот со Грција ги закопа сите надежи дека може да се најде некаков начин  Македонија сепак да го оствари полнопртавното членство. Што понатаму?

БОЦЕВСКИ: А, САД кога работеле да ја притиснат Грција да се откаже од ветото? Од почетокот на судирот за името, па се до денешниот ден, Грција никогаш не била предмет на притосоци околу прашањето за името. Едноставно, САД и ЕУ чекале ситуацијата или атмосферата да созрее во Грција, па да се направат обиди за пробив околу прашањето за името, но никогаш Грција не била предмет на притисок. Пред некој месец излегоа документи од претседателската библиотека на Џорџ Буш (постариот). Таму јасно се чита дека Америка е заинтересирана Македонија да добие меѓународно признавање и да влезе во Обединетите нации. Тој се обидува и да го убеди Мицотакис да ја признае македонската реалност. Но, на крајот на разговорот кога Мицотакис го замолува САД да и помогнат на Грција за да ја блокира македонската апликација за членство во ООН, Буш (постариот) му ветува на Мицотакис дека ќе и помогне на Грција околу тоа прашање.

САД и ЕУ никогаш не само што не ја притискале Грција, туку никогаш тие не правеле избор помеѓу Македонија и Грција, затоа што Грција и нејзините интереси отсекогаш биле примарни за нејзините западни сојузници.

Не велам јас тука дека САД и ЕУ немаат искрени намери кон Македонија. Напротив, и едните и другите би сакале Македонија час поскоро да влезе во ЕУ и во НАТО и немаат ништо против македонската држава. Но, Грција и грчките интереси, да повторам, секогаш ќе им бидат на прво место.

Секоја анализа што би пошла од поинакви претпоставки води кон погрешки заклучоци. Македонска национална политика, пак, што ќе појде од поинакви претпоставки, води кон национална катастрофа.

Македонија си го избрала својот пат и своите стратегиски определби, а тоа е членство во ЕУ и НАТО. До ден-денес ова останува стратегиска определба која што ужива поддршка од сите парламентарни партии, но и од најголемиот дел од населението. Единствени поинакви гласови се слушаат од неколкумина македонски интелектуалци, новинари и општественици, но тие засега немаат никаква влијание на дебатата. Така што, македонското барање за членство ќе си остане на маса и во ЕУ и во НАТО, Македонија ќе продолжи да го прилагодува своето законодавство, согласно европските стандарди, а ќе се чекаат подобри времиња и нови политички генерации во Грција за да може искрено да се зборува за надминување на оваа лоша и непријатна ситуација.

*Денеска  Грција ќе избира нова влада, анкетите покажуваат предност на Ципрас, сепак колку промената на власта во Атина, ќе може да се толкува и како промена на грчкиот став во спорот за името, или пак промена на грчкиот став за користење на правото на вето како иснтрумент за блокада на Македонија?

БОЦЕВСКИ: Не! На Ципрас не му е ни на крај на паметот да влегува во политички авантури на темата Македонија, посебно не сега кога на дофат му е премиерската функција. Тој фокусот на својата работа ќе го вложи исклучиво на економската криза и на обидите повторно да се преговара за грчкиот долг. Не само за прашањето околу Македонија, туку и за сите други прашање, Ципрас одлучно се придвижи кон центарот. Кога последен пат слушнавте од него или од неговата партија дека Грција ќе излегува од НАТО? Тоа им е еден од темелните постулати во програмата.

Секако, можеби за разлика од докажаните шовинисти и непријатели на македонската државност, Андонис Самарас и Каролос Папуљас, можеби новиот грчки премиер, претседател и министер за надворешни работи ќе покажат поголема отвореност за разговори со нивните македонски колеги, но тоа ќе го видиме по грчките парламентарни избори и по последните два круга на претседателските избори во новото Собрание. Грците не само што не не познаваат како народ и држава, туку вљубени во својот шовинизам не ни имаат намера да не запознаат, па чекаат да не снема. За нивна несреќа тоа нема да се случи.

*Хашим Тачи пред два дена го понуди договорот Белград-Приштина како модел за решение на грчко-македонскиот спор. Како го коментирате тоа?

БОЦЕВСКИ: Нема да биде лошо Хашим Тачи да си се концентрира на своите лични проблеми, но и на косовските проблеми, наместо да дели лекции по регионот. Впрочем, постојат луѓе на Балканот кои заради својот личен интегритет, храброст и постигнувања се сметаат за државници од историски габарит. Хашим Тачи е далеку од тоа друштво, па нема да биде лошо да се прибере. Не само тоа туку Македонија премногу стори за Косово за да биде предмет на вакви несолени и непобарани совети.

*Случајот Шарли Ебдо ја крена Европа на нозе. Прво, сметате ли дека тој акт е најава за преселување на терористичките закани во Западна Европа?

БОЦЕВСКИ: Исламистичкиот тероризам својата форма ја доби како копиле од неколку грозни родители. Ова чудовиште израсна од фрустрациите, сиромаштијата и бесперспективноста на граѓаните во арапските и муслиманските диктатури, како и од промашената интеграција на имигрантските муслимански малцинства во развиените општества на Западна Европа. На крајот мораше да се јави и третиот родител, во форма на неколку разузнавачки служби што го употребуваа овој радикализам за своите геостратегиски и економски интереси, па му овозможија да создаде структура, прекален кадар и да пушти глобални пипци низ светот. Денес ова чудовиште продолжува да се храни од пропадната „арапска пролет“ и уништените надежи на новите генерации во Блискиот Исток, вечниот конфликт и нерешениот статус на Палестина, внатрешниот распад на Сирија, Ирак, Јемен и на Либија, бесмислените западни интервенции низ арапскиот и муслиманскиот свет од една страна, како и од второкласниот статус, отуѓеноста и маргинализацијата на муслиманските граѓани-доселеници во земјите од Западна Европа.

Доселеници-муслимани не се дојдени во Европа како „освојувачи“. Тие се поканети од европските земји да дојдат и да работат на европска почва затоа што таков е европскиот економски модел. Не е можно „домородното европско население“ да си ги одржува високите стапки на благосостојба, без постојан прилив на нови доселеници. За жал, сега гледаме како сите институции потфрлиле, па огромен број доселеници станале дел од една сиромашна маргинализирана и дискриминирана поткласа, која има сериозни тешкотии да се интегрира во своите нови општества. Европа мора да ги прифати и доселениците и исламот, како составен дел од својата култура. Наместо тоа, се случува обратното.

Се додека Хасан не биде исто толку Французин како и Франсоа, Германец како Курт, или Британец како Дејвид, исламистите ќе имаа поле за регрутација на нови терористи.

*И Второ, колку реакциите кои се појавија потоа во запаедно европските центри, од типот на антиисламизација, можат да разгорат еден судир на верска основа?

БОЦЕВСКИ: Исламофобијата е само друга форма на старото и добро чудовиште на европскиот фашизам. Хранењето на оваа ѕверка може трагично да заврши, како на улиците на Европа, така и со непотребен глобален судир, според исцртаните линии на чудовишната идеологија на „судирот на цивилизациите“.

Европа не смее себеси да си дозволи да си го дефинира својот нов европски идентитет против своите сопствени граѓани од поинаква вера или боја на кожата. Прогласувањето на муслиманите за внатрешен непријател, реториката дека во Европа имало зони каде што „полицијата не влегува“ или каде што „важи шеријатското право“ претставува само загревање на страстите до точка на зовривање.

*Има ли во Македонија опасност од прелевање на таква криза?

БОЦЕВСКИ: Македонија мора сериозно да се замисли затоа што и од Македонија заминуваат наши државјани за да се борат во еден, за нив, туѓ конфликт и за една бесмислена кауза.

Секој македонски државјанин кој што заминал да се бори за радикалните исламисти е ужасно потфрлување на нашите институции – училиштата, семејствата, партиите, соседствата, социјалните служби, фирмите, медиумите, организираната религија и сите оние форми што овозможуваат социјализација на еден поединец. Многу е подобро да ја спречиме радикализацијата на некој млад човек кога ќе се забележи дека фаќа некои странпатици, наместо потоа државата и нејзините разузнавачки служби да се занимаваат со прекалените радикали кои се вратиле од боиштата, со кој знае какви цели и намери. Некои од нив ќе ја согледаат бесмисленоста на својот потфат, па ќе ја остават оваа отровна идеологија во песоците на Блискиот исток, но некои од нив ќе се вратат уште порадикализирани. Македонија мора да изнајде начин и да ја спречи радикализацијата, но и да овозможи ресоцијализација на повратниците, а тоа е ужасно тешка работа што ќе ги стави нашите институции и целото општество на сериозен испит.

*Украина, состојбите на релација Москва-Вашинготн веројатно и оваа година ќе бидат во фокусот на внимание во светот. Но, како според вас ќе се развиваат состојбите на Балканот, особено по наваите на зголемено руско присуство?

БОЦЕВСКИ: Мислам дека кога проговара оружјето меѓу првите страда и вистината. Руско присуство нема во Македонија. Која е македонската про-руска партија? Која руска банка е сериозен играч во македонската економија? Колку Македонци течно го зборуваат рускиот јазик? Која руска телевизиска серија е популарна во Македонија? Каде се стационирани руските војници или полицијци во Македонија?

Нормално, постојат длабоки културни, духовни и историски врски помеѓу македонскиот и рускиот народ. Никој не може да ја исклучи Русија од современата македонска историја затоа што акциите на Црвената армија овозможија ослободување на Македонија и воспоставување на современата македонска држава. Не може ни да се заборави дека Советска Русија остана до самиот крај верна на грчките и македонските партизани во грчката граѓанска војна, дури и кога титова Југославија се откажа од нив. Посебно, пак, за најсовремената историја е значајно безусловното руско признавање на македонската државност под уставното име, прва земја-членка на Советот за безбедност при ООН, и тоа во периодот кога западните држави организирано го бојкотираа признавањето на македонската држава за да се солидаризираат со Грција.

Сето тоа е извонредна основа за изградба на современите македонско-руски односи, во сите сфери на живеењето. Меѓутоа, разговорите за некакво руско влијание кај нас се едноставно претерани. Знам дека некои ликови од Македонија сакаат себеси да се дефинираат како „западњаци“ за сметка на „проруската власт“, но тоа дури и за македонските политички стандарди е врв на политичката глупост. Некои, пак, сметаат дека можеме да ги преплашиме САД и ЕУ со некакво растечко руско влијание во Македонија, но и ова се јалови обиди. Дипломатските претстаништва на САД и на ЕУ многу добро гледаат дека изостанува руското влијание во Македонија.

Во однос, пак, на украинскиот судир, јас сметам дека Македонија мора да заземе неутрална позиција. И со рускиот и со украинскиот народ Македонија има пријателски врски, па не смее да направиме историски грешки, кои тие долго ќе ги паметат, ако се истрчаме со некои потези што ќе им користат на туѓи сили, наместо на нашите интереси. Се надевам дека Украина ќе смогне сили да изнајде внатрешно решение за судирот, но станувам се поскептичен дека такво нешто ќе се случи.

Украинската криза е само уште еден показател дека светот драстично се променил и дека веќе не живееме ни во „бурните 1990-ти“, ни во американскиот униполарен момент, ни во светот дефиниран со „војната против тероризмот“ по 9/11, а ни во Европа од сништата за „европеизацијата“. Динамичниот свет што го гледаме пред нашите очи е едно мошне опасно место и Македонија мора многу внимателно да се однесува кон ситуацијата. „Кога слоновите се тепаат, тревата страда“ вели често цитираната поговорка, па би било многу упатно за нас овој пат пресметката помеѓу слоновите да ја следиме од трибините, наместо да се истрчуваме помеѓу нив во жарот на борбата. Но, за тоа ќе зборуваме во некоја друга прилика.