„Бомбите“ се незаконити докази и не можат да се користат во кривични постапки

Материјалите кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, не можат да се користат како доказ во кривичните постапки поведени пред судот од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, децидна е адвокат Сања Алексиќ, објави Курир.

Во изјава за КУРИР, таа детално образложува зошто овие материјали претставуваат незаконити докази и како такви не можат да се користат во кривичните постапки поведени од страна на СЈО.

-Согласно чл.12 од Законот за кривичната постапка доказите прибавени на незаконит начин и со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судска одлука. Со оглед да не постои доказ дека материјалите кои произлегуваат од следењето на комуникациите се прибавени на законит начин, односно СЈО не приложува доказ дека тие се резултат на примена на посебна истражна мерка спроведена со наредба на судија на претходна постапка, врз основа на претходно образложен предлог од страна на јавниот обвинител, тие претставуваат незаконити докази. Истите се прибавени надвор од законската процедура и процесните правила на законите кои го регулираат следењето на комуникациите, а тоа се Законот за кривичната постапка (во понатамошниот текст ЗКП) и Законот за следење на комуникации (во понатамошниот текст ЗСК), со кои се уредуваат: условите и постапката за следење на комуникациите, начинот на постапување, чување и користење на добиените информации и контролата на законитоста на следењето на комуникациите согласно меѓународните стандарди со предвидување на заштитни механизми со кои треба да се гарантираат човековите слободи и права. Во чл.17 од Уставот на Република Македонија , се гарантира слободата и неповредливоста на писмата и на сите други облици на комуникација, а само врз основа на одлука на суд, под услови и во постапка утврдена со закон, може да се отстапи од правото на неповредливост на писмата и другите облици на комуникација, ако е тоа неопходно заради спречување или откривање кривични дела, заради водење кривична постапка или кога тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на Републиката, вели адвокат Алексиќ за порталот.

Таа анализира дека во Законот за СЈО е наведено дека тие материјали се стекнати со незаконско следење на комуникациите и дека истите можат да се користат единствено за испитување дали од содржината на таквата комуникација произлегува некое кривично дело, за кое ќе се обезбедат соодветни докази  на законит начин, а не самата незаконско следена комуникација да биде доказ само затоа што истата била доставена до СЈО.

-Ваквите гаранции на почитување на приватноста на личниот и семејниот живот на поединецот, кои се во нашите случаи неспорно повредени иако се гарантирани и во законодавството на Република Македонија, гарантирани се и со меѓународни документи и тоа со Универзалната декларација за човековите права на Организацијата на Обединетите нации –правото на тајност на комуникациите како аспект на правото на приватност содржано во чл.12 како и во Европската конвенција за заштита на човековите права на Советот на Европа според која правото на тајноста на комуникацијата е гарантирано во чл.8 од истата. Наводите дека со донесување на Законот за специјалното јавно обвинителство материјалите од незаконското следење на комуникациите се вметнуваат во правниот поредок и дека се работи за „светски правен стандард„ се неприфатливи, затоа што не постои ниту една одредба од тој закон која се однесува на доказната вредност на таквите материјали. Напротив, во Законот за СЈО е наведено дека тие материјали се стекнати со незаконско следење на комуникациите и дека истите можат да се користат единствено за испитување дали од содржината на таквата комуникација произлегува некое кривично дело, за кое ќе се обезбедат соодветни докази  на законит начин, а не самата незаконско следена комуникација да биде доказ само затоа што истата била доставена до СЈО. Како што погоре предочив тоа не го предвидува Законот за СЈО, Уставот, законите и меѓународните документи, па затоа и не може да станува збор за светски правен стандард. Паушални се и аргументите дека тоа е „меѓународен правен стандард„ ради „запазување на јавен интерес„ без притоа да се наведе конкретно што тој стандард предвидува, кој го воспоставил, во каква процедура и дали истиот е содржан во некаков вид на меѓународен акт (договор, препорака, директива, конвенција) и дали и како таквиот стандард е инкорпориран во легислативата на Република Македонија. Со следењето на комуникациите се навлегува во приватноста на човекот како основно човеково право загарантирано со Европската конвенција за човековите права и од страна на јавната власт не смее да постои никакво мешање при остварување на ова право, освен во согласност со законот и ако истото е потребно за заштита на националната безбедност, јавната сигурност или економската благосостојба на земјата. Во конкретните случаи не е испочитуван светскиот стандард  за следењето на комуникациите бидејќи не е согласно закон и во рестриктивен обем заради остварување на претходно наведените цели, истакнува адвокатката.

Законот е јасен, а нејзиното стручно мислење потврдува дека “бомбите“ под никакви околности не би можеле да се користат како доказ пред Судот.

-Имајќи го во предвид обемот на материјалите кои потекнуваат од незаконското следење на комуникациите и исклучително долгиот период на кој истите се однесуваат, не постои дилема дека овие материјали се прибавени со незаконско прислушкување односно произлегуваат од флагрантно кршење на човековите права. Затоа тие под никакви околности не би можеле да се користат како доказ, бидејќи тоа би значело кршење на одредбите од ЗКП и ЗСК. Единствено, по донесувањето на Законот за СЈО, преку нив обвинителството треба да се легитимира во однос на својата надлежност како овластен тужител и да ги користи истите како информација, сознание или појдовна точка за истражување на евентуални кривични дела, за кои доказите ќе мора да ги обезбеди  на начин и во постапка пропишана со закон, заклучува адвокатката Сања Алексиќ.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.