Бомгартнер: Поддршка од Париз за побрзо отворање на преговорите со Македонија

Ставот на Франција е јасен и не е нов. Истиот став го делат и сите европски институции, а тоа е – безрезервна поддршка за отворање колку што е можно побрзо на претпристапните преговори и за Северна Македонија и за Албанија, изјави денеска францускиот амбасадор во земјава Сирил Бомгартнер.

Според него, доколку во билатералните разговори меѓу Скопје и Софија, за кои рече дека ги охрабрува, се постигне вистински напредок чија што завршница би значело отворање на претпристапните преговори, Франција не само што е подготвена и расположена да го направи тоа за време на своето претседателство, туку ќе и биде и вистинска чест.

Во однос на тоа дали смета дека новиот пристап во дијалогот меѓу Скопје и Софија ги дава посакуваните резултати, тој вели оти станува збор за работа што е во тек, за којашто преговараат двете земји, но оти го охрабрува раздвижувањето на разговорите.

– Она што е јасно е што навистина постои нов пристап во преговорите што беше посакувано од двете страни, се води дијалог на највисоко ниво и тој дијалог е интензивен. Во овој момент навистина постои билатерална работа за која што се преговара за конкретни теми. За нас, Франција, земја која што претседава со Советот на ЕУ е многу важно да бидеме редовно и постојано информирани за сите прашања. И токму тоа се случува. Има постојан дијалог меѓу двата главни града, постојано информирање, особено преку заемните посети на високо ниво. Има совршена координација и меѓу нас Европејците и европските институции, рече Бомгартнер.

Тој подвлече дека со огромно внимание се следи ова прашање во европски рамки, но овој процес во моментот е во билатерални рамки, и повтори дека и француското претседавање со ЕУ го следи ова раздвижување, го охрабрува раздвижувањето и оти се подготвени како француско претседавање со ЕУ во даден момент да ја преземе својата одговорност.

Во однос на тоа дали Франција ќе преземе конкретна иницијатива во следните месец два во однос на ова прашање, тој вели оти Франција не е таа којашто ја утврдува агендата.

– Агендата ја утврдуваат двете засегнати земји, односно Северна Македонија и Бугарија. И се ќе зависи од развојот на настаните особено од развојот на разговорите коишто се спроведуваат во рамки на сите работни групи. Ќе ви кажам дека француското претседателство со ЕУ заедно со европските институции е спремно кога ќе дојде соодветниот момент да се преземат конкретни чекори за да се постигне среќниот крај којшто го посакуваме сите, заклучи Бомгартнер на конференцијата во МНР посветена на спортската дипломатија.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и шефот на дипломатијата Бујар Османи, во почетокот на месецот беа во посета на Париз, каде што го претставија македонското досие за евроинтеграциите и добија јасна поддршка од Франција за што е можно поскоро отворање на преговорите со ЕУ.

Минатиот месец, шефот на француската дипломатија, Жан-Ив Ле Дријан, пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, изрази надеж дека за време на француското претседателство со ЕУ може да се одржи меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија, и дека Скопје и Тирана може тогаш да ги започнат преговорите за членство во ЕУ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.