Борбата на Трамп за вистина и демократија

страшо ангеловски

После изборите во САД и објавата на претседателот Трамп за низа нерегуларности и нивно јавно објавување и после истрчаните честитки за победата на Џо Бајден, неколку работи за кои со години наназад пишуваа и говореа сите кои размислуваа со своја глава, стануваат јасни и за оние „неопулените“.

Но, некои работи мора да се доразјаснат. Имено, читам по социјалните мрежи текстови или кратки забелешки од многумина од Македонија, но и од останатите држави од Балканот, како ете и Американците научиле од нас како се местат избори. Како после толку изборни циклуси на Балканот, каде гласале и мртвите и неродените, каде гласачките ливчиња во вреќи се присобирале и се објавувале како валидни, каде веднаш потоа избрзано се честитала победата иако сите биле свесни за нерегуларностите, еве, сега и Американците го научиле и успешно го реализирале сето тоа.

За среќа, работите стојат сосема поинаку. Ништо од сето ова не е наш, балкански патентиран изум, ниту пак е дозволен од „западните демократии“ бидејќи не успеале да го согледаат во неговото случување.

Креаторите и политичките извршители на неолибералната идеологија (доколку воопшто станува збор за идеологија), или поточно – методологија за глобално преземање на светот и човештвото во свои раце, се всушност вистинските креатори на ваквите изборни измами и кражби.

Најпрво сфатија дека освојувањето на државите, а со тоа и покорувањето на светот и човештвото со нови војни во кои би се уништувале инфраструктури и жива сила, е премногу скапа работа, а зад себе остава уништена држава чии ресурси не може веднаш да се користат. А, ним ресурсите како нафта, гас и други природни богатства им се поводот за „освојувачки походи“. Токму затоа, својата воена тупаница НАТО, ја користат само онаму каде што после исцрпување на сите „демократски“ средства не успеваат да зачекорат. Такви се примерите со Ирак, Либија, СР Југославија… Поблагата варијанта за загосподарување со државите, а смислена од неолибералните умови, се внатрешните „автохтони“ револуции како оние што беа изведени под мотото на „Арапската пролет“, или „Мајдан“ во Украина. Незадоволните „опозиционери“ потпомогнати со малку оружје, инструктори и логистика однадвор, предизвикуваат „револуција“, ја преземаат власта, го уриваат системот кој успешно функционирал како суверен и независен и ја предаваат државата во рацете на гладните за моќ и ресурси.

Најблагата варијанта е онаа со инсталирање власт по сопствен вкус, односно вазална власт која ќе овозможи да се создаде „банана“ држава која ќе биде и месена и гмечена според потребите на креаторите и политичките извршители на неолибералната методологија за загосподарување со светот. Такви примери имаме недоброј, а најверојатно најеклатантен е токму примерот со Македонија.

Методологијата оди вака: најпрво во државата под мотото за хуманитарна и помош за совладување на демократските процеси влегуваат невладини организации преку кои се внесуваат црни пари во државата. Потоа, како едноклеточен организам, по принципот на проста делба, тие неколку невладини организации се множат до бескрај и стануваат неколку стотини. Во нив се впумпуваат црните пари и се плаќаат „активисти“ кои се организираат, идеолошки дефинираат и се подготвуваат за извршување на задачата што ќе им биде дадена. За креаторите на неолибералната методологија, нивното инсталирање во државата е знак за „заживување на демократските процеси“ и, преку своите медиуми нескриено ги форсираат. Задача на таквите инсталации е да овозможат инсталирање на власт која е „произведена“ во неолибералните лаборатории.

И штом таквата власт ќе биде инсталирана, макар и незаконски и противуставно, како во случајот со Република Македонија, честитките пристигнуваат со брзина на светлината, медиумската поддршка е целосна и со тоа се легитимизира нелегитимното. Во истиот момент, тие, креаторите и изведувачите, ја ставаат државата на листата на демократски и напредни држави. Само оние држави каде што не успеваат да ги инсталираат своите извршители, остануваат „режимски“, како што е на пример Русија, од остатокот на светот, но и Унгарија, иако е дел од нивното друштво.

Откако пред четири години, Доналд Трамп непланирано им се протна за претседател на САД, тие, креаторите на неолибералната методологија, немаат мирен сон. Најпрво мислеа дека ќе го скротат и ќе го втераат во сопственото трло. Откако не само што не успеаја во тоа, туку тој почна како ситни деланчиња да делка дел по дел од нивната длабока држава инсталирана во САД, ги впрегнаа сите сили за да го тргнат од власт.
Па, го оцрнуваа со невидени лаги и клевети преку своите медиуми, му инсталираа недоброј невладини организации, со „активисти“ скапо платени во борбата за „неостварени права“ од секаков вид, да дивеат и уриваат ширум Америка. Му подметнуваа кадри и „идеи“ и се обидуваа да го втераат во некоја нова војна. Сторија се’ што еден (или многу) злосторнички ум може да смисли.

На крајот, кога не успеаја, ги фалсификуваа и наместија изборите, брутално и без мерка. Ги полнеа торбите со гласачки ливчиња, пуштаа ливчиња на скоро починати, но и на луѓе кои живееле во 19 век и, преку своите медиуми, својата инсталација, Џо Бајден, го прогласија за претседател. Веднаш потоа, надвор од сите протоколи, на се’ уште неизбраниот претседател почнаа да му стасуваат честитки од веќе инсталираните претседатели и премиери од редица држави. Ви делува познато, нели?

По веќе виденото сценарио, однапред сакаат да ја осудат борбата на Трамп како гола борба за останување во Белата Куќа и за “запирање“ на демократијата. Вешти во таквите изведби, веќе пласираат лажни вести, лажни анкети и лажни приказни, а цензурираат се’ што ги разоткрива и разобличува. Преку медиумите во нивно владение, но, за жал, и преку социјалните мрежи, за кои многумина се понадеваа дека ќе бидат „гласот на народот“.

Токму затоа, денес веќе и не е битно дали Доналд Трамп ќе остане претседател на САД, туку е битно да ја разобличи и објави на светот методологијата со која креаторите и политичките извршители на неолибералната идеологија, ги инсталираат своите политички инсталации во државите ширум светот и со тоа ги уништуваат надежите на милиони луѓе чии идеи и програми биле насилно поразени на бескрупулозен, измамнички начин.

Ова е негова животна битка, зашто како што му порача надбискупот Вигано во своето писмо од јуни годинава, ова е битка на „децата на светлината“ против „децата на темнината“. Ова е битка за вистината и вистинската демократија, а победата на Трамп, докажувајќи ја бруталната методологија на неолибералните центри на моќ, ќе загрее многу срца ширум светот и ќе ја врати надежта и вербата во вистинските вредности. Па и за нас, Македонците.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес