
Дескоска информираше дека денешната дебата е околу процесот на остварувањето на Стратегијата за реформи во правосудството, додавајќи дека во добар дел се завршени со носењето на законската рамка што Министерството за правда е надлежно да ја изготви, а Собранието да ја донесе.
– Остануваат уште Законот за јавно обвинителство, Законот за измени на советот на јавното обвинителство и некои други закони кои се готови, но нема да има некоја драматична промена да треба да чекаат институциите во спроведувањето. Сега останува клучниот предизвик на Советот за јавни обвинители и Судскиот совет да почнат на спроведување на овие реформи што се направени во законската рамка со цел да добиеме независно, професионално судство и особено јавно обвинителство, рече Дескоска.
Програмската координаторка на Институот за европска политика (ЕПИ) Ардита Абази Имери информира дека на денешната дебата ќе се направи преглед што досега е направено од реформата во правосудниот сектор, и ќе се детерминира кои се предизвиците во наредниот период.
Таа смета дека освен јакнењето на системот кој е во фокус на Стратегијата треба да се јакне и довербата на граѓаните во правосудството.
– Многу е важно паралелно како се јакне системот така да се јакне и довербата кај граѓаните првично преку транспарентност. Ние правиме и анкета со граѓаните за нивната задоволност и перцепција од реформите и таа анкета ќе биде објавена можеби до јануари и ќе биде споделена со јавноста, рече Абази Имери.
Целта на дијалогот е да придонесе кон подобра имплементација на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор преку конкретни препораки за подобра имплементација на предвидените мерки.
Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.