Борче Георгиевски влијае во работата на директорите на училиштата за јавните набавки

Градоначалникот на Гази Баба, Борче Георгиевски, на најгруб начин се меша во работата на директорите на основните училишта во Гази Баба. Имено, Борче Георгиевски по пат на допис и електронска пошта до директорите на училиштата им наредува пред да објавуваат јавни набавки, кои се објавуваат по законски пат, да му ги праќаат на него за тој да може да ги одобри или да влијае во менување на спецификациите и условите на јавните набавки, изјави Сашо Кутлешовски советник од ВМРО-ДПМНЕ во општина Гази Баба.

-Незамисливо, недопустлив и крајно дрско од страна на градоначалникот. Дописот кој го прати Георгиевски до сите директори, јасно пишува дека тој бара, сите оние јавни набавки и спецификации кои се поврзани со реконструкција и тековно одржување на училиштата, исхраната на учениците, издавање на училишните простори, да бидат претходно однесени во општина на одобрување или измена доколку не им се допаѓа, за во вториот е-маил кој го испраќате до директорите да пишува дека за секоја јавна набавка пред да се спроведе треба лично да се направи увид, за како што велите да не ви се жалат фирмите. Најверојатно мислите на фирмите блиски до СДСМ кои сега треба да си ги наплатат донациите од пред изборите, изјави Кутлешовски.

Кутлешовски запраша дали Борче Георгиески како градоначалник на Гази Баба со оваа постапка сака да ги уредува техничките спецификации местејќи ги за негови блиски фирми.

-Нека ги каже јавно фирмите, кои се фирмите што се жалеле кај него? Со ова Георгиевски директно влијае во законската работа на директорите и врши груб обид за местење на јавните набавки во иднина. Го повикуваме веднаш да прекине со ова и да се зафати со реални проекти за работа, бидејќи увидот во јавните набавки нема да му донесе гласови, туку само бенефит на нивните блиски фирми. А, граѓаните тоа нема да го дозволат, некој на бандитски начин да ги испумпува нивните пари, додаде советникот од ВМРО-ДПМНЕ.