„Борците“ за вистината креатори на лажни вести, го покриваат економскиот колапс и распродажбата на сѐ што е македонско

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Резолуција со која дека нема основа за постапување по предметот „Теретана“, односно дека лидерот на ВРМО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за време на корона-кризата и забраните бил во фитнес-центар во Скопје. Како и тоа дека од вештачењето на ДВР-уредите е утврдено дека видеозаписите и ДВР-уредите на кои се сочувани записите од безбедносните камери во фитнес студиото не се манипулирани, односно е потврден интегритетот на податоците на доставените уреди,

„По проучување и анализа на целокупниот материјал, јавниот обвинител утврди дека во конкретниот случај не постои основано сомневање дека е извршено кривично дело кое се гони по службена должност“, се во образложението на Резолуцијата.

По ова што произлезе како јавен документ од Јавното обвинителство како неизбежно се поставува прашањето: Кој и зошто ширеше лажни вести? Зошто во април? Кои се тие што шират лажни вести?

Еден од провладините медиуми напиша: „До нашата редакција стигнаа фотографии и видео на кои се гледа како лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, излегува од теретана, додека во сила е забраната за работа поради ситуацијата со коронавирусот.

Самата теретана на предната врата имаат пуштено известување дека од 13 март петок нема да работат согласно мерките на Министерството за здравство.

Читателот тврди дека материјалите се направени во време на забрана за работа на теретаните, а на фотографиите може да се забележи снег кој наврна на 2 април во главниот град.

По ова јавноста сигурно очекува одговори дали Мицкоски ги прекршил забраните од Владата поради ширењето на вирусот“.

Друг провладин медиум вака гледаше на случајот: „Ако се знае дека ваквите објекти на територијата на целата држава се затворени, на социјалните мрежи веќе се поставуваат прашања:

– Ало, Наќе, важат ли посебните мерки за посебниот вмровец, или тоа само на нас простосмртните сила и мускули се покажуваат.

– А бе, дечкото со кучето ви текнува со колку полицајци и со марици го прибираа оти закаснило 10 минути, Мицко има ли кој да го прибере? Наќе Чулев го видел некој?

– Мицко, нека пази на „формата“, содржината и онака ја има одамна изгубено.

Кои се претпоставените варијанти кои силно се вртат во јавноста, а со кои ќе излезе Белата палата:

Овој „Талат од Преспав“ можно е да му „подметнал“ снимка на Мицко со стар датум.

Можно е комуњарите намерно да му сечат лепат и монтираат видеоснимки, сенешто прават против чест и угледот на Мицкоски, па ова нема да им е прв пат. А и цел ланец на светски заговори е против Мицко, нели?!“

Вакви примери има повеќе … Од друга страна, и самата Влада рече дека ќе се бори против лажните вести, а и креираше сајт за таа потреба. Има и веб-сајтови кои исто така громогласно се борат против лажните вести и затоа добиваат пари и од дома и од странство.

Но, дали навистина се борат против лажните вести?! Дали тие се креаторите на лажните вести? Која е спрегата со власта? Дали центарот за креирање на лажни вести е во Владата?

Социјалдемократите тогаш рекоа: „Неодговорното и несериозно однесување на Христијан Мицкоски за време на сериозна здравствена криза предизвикана од коронавирусот е одамна потврдено и тоа не е нешто ново. Заштитните ракавици и маски кои се гледаат на снимката, како и облеката по кратки ракави, води кон заклучок дека времето не е така одамна“.

Го прозиваа и министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, кој беше предложен од ВМРО-ДПМНЕ, а објавената снимка отворала сериозни дилеми за улогата на кадрите на Чулев.

„Дали заедно со Мицкоски во фитнес-центарот е и Ивица Бисовски, командирот на Единицата за специјални задачи Тигар, поставен од техничкиот министер Наќе Чулев? Во кое својство Бисовски го придружува Мицкоски во фитнес-центар? Граѓаните очекуваат одговори зошто во време кога сите капацитети на полицијата треба да бидат ставени на располагање на граѓаните, кадрите на Чулев се во функција на Христијан Мицкоски“, реагираа од СДСМ.

Дополнителната заменик министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска, кадар на СДСМ, во едно интервју рече: „Би сакала, со оглед на тоа што Мицкоски постојано ги менува изјавите во однос на овој случај, да ја прифати мојата покана и на една дебата да му ги одговарам сите прашања кои ги има, вклучително и тоа дали сум госпоѓа или госпоѓица, но пред сè, во интерес на јавноста, да ги одговориме прашањата поврзани со случајот Теретана“.

Мицкоски велеше дека станува збор за снимка од пред најмалку половина година, ги обвини социјалдемократите дека креираат лаги и плаќаат „пиарџии“ за ширење вакви информации со државни пари.

„Не е толку срамно што објавуваат без да прашаат, туку е срамно што лажат континуирано и бесрамно. И нема ниту една лага да не им се распрсне и дознае. Веќе е совршено јасно дека зад ваквите лаги стојат повеќе квази пиарџии платени со државни пари, и еден центар на моќ сместен на Бихаќка. Дечки повторно грешка, снимката е стара најмалку половина година, туку сега што правиме со тендерите во Дрисла, со новата блокада на патот кон ЕУ, со пљачката која ја правите со новата акциза, со економската криза и нарушеното здравје на граѓаните. Незрелото однесување на СДСМ значи ново пробиено дно. Сосема на крај, сепак има разлика. Да, јас спортувам, а вие крадете. Да, јас планинарам, а вие ја срамите и распродавате Македонија и да, ќе продолжам да вежбам кога ќе се создадат услови, а вие сепак на крајот од денот ќе останете ситни луѓе и јас ве жалам“!

Една стара поговорка вели „илјада пати кажана лага станува вистина“, а друга, која ја користеа поголем дел од порталите „не гледајте што правам, правете што ви говорам“, за да го дискредитираат Мицкоски, всушност се креација на еден центар за ширење на лажни вести со едно име – СДСМ со владини потенцијали.

Ако се погледне наназад, ова е добра стара пракса на социјалдемократите уште од времето на случајот „Фабрика“, кога новинари дополнително работеа за дополнителни пари на оцрнување на ВМРО-ДПМНЕ. Потоа беше лоцирана „лабораторија за фабрикувани вести“ во Министерството за одбрана. И да не го спомнуваме името на еден покоен функционер кој ги користеше професионалните ресурси за пресметка со опозицијата и сите оние што размислуваат поинаку.

Очигледно е дека повеќе медиуми учествувалe во креирањето на лажните вести во содејство со СДСМ и владините капацитети. Дали и на кого треба да одговараат тие за ширење на лажни вести, бидејќи оние медиуми што тие ги обвинуваа за ширење на лажни вести биле во право.

Уште еден случај се дуваше максимално со тоа што Антикорупциската комисија одлучи да отвори постапка како лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во време додека бил директор на државната ЕЛЕМ и советник за енергетика на поранешниот премиер Никола Груевски добил под концесија државно земјиште од 33 илјади метри квадратни и концесија за користење води за изградба на хидроцентрали како сопственик на фирмата „Енерготек ДОО Скопје“.

Арно ама, и ваму паднаа сите мрачни сценарија. ДКСК заклучи и дека Мицкоски, како советник на Влада и член на УО на АД ЕЛЕМ, не можел да влијае при доделувањето на концесиите за користење на води за изградба на мали хидроцентрали. Во однос, пак, на изворите на финансирање од страна на концесионерот склучен е долгорочен кредит со деловна банка. А во меѓувреме има и промени во сопственичката структура на Енерготек ДОО, и Мицкоски не е повеќе сопственик.

Очигледна била пресметката на СДСМ и Владата дека во тој период имаат лош рејтинг па во корона време додадоа бензин на оганот, затоа што ќе отидеа во провалија. Од економски резултати имаат само сопствена корист, од успеси распродавање на сè што е македонско. Затоа максимално се трудат да направат раздор во партијата, во спротивно ќе си имаат работа со силна опозиција.