Борел ја предупредува Москва да не го користи наводниот напад врз Кремљ како изговор

Шефот на европската дипломатија, Жосеп Борел, денеска ја предупреди Москва да не го користи наводниот напад со дрон врз Кремљ како изговор за зајакнување на воената офанзива во Украина.

-Ја повикуваме Русија да не го користи наводниот напад како изговор за продолжување на ескалацијата на војната, рече Борел пред состанокот на министрите за развој на ЕУ.

„Загрижени сме (…) што (Москва) може да го искористи ова како оправдување за уште поголема мобилизација на војниците и за уште повеќе напади врз Украина“, кажа првиот европски дипломат.

-Ја видов снимката и слушнав што рече украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој рече дека Украина не е вмешана. Украинците ја бранат својата земја. Тие се борат на нивно тло, не ја напаѓаат Русија, нагласи Борел.

Русија вчера ја обвини Украина за напад врз Кремљ со беспилотни летала во текот на изминатата ноќ, и инциденто го оцени како неуспешен обид за атентат на претседателот Владимир Путин, додавајќи дека нападот претставува „планирана терористичка акција“ и го задржува правото да возврати.

Украина негираше каква било вмешаност во инцидентот откако беше објавена снимка од летечки објекти што се приближуваат до Кремљ, од кои еден експлодира.

Руската јавна телевизија денеска објави снимка од претседателот Путин на работна средба во Кремљ, што е негово прво појавување во јавноста откако Москва објави за обидот за атентат врз него.

На снимките, што се без датум, Путин е придружуван од министерот за економски развој Максим Речетников.