Борел ќе ја посети Украина и ќе замине на боиштето

Шефот на дипломатијата на Европска унија, Жозеп Борел, ќе престојува од вторник до четврток во посета на Украина каде ќе замине на линијата на конфронтацијата и ќе ја изрази поддршката на Брисел на „територијалната целост“ на земјата, објави во понеделникот Европската комисија.

Западот со седмици зборува за трупање руски војски на границата со Украина и оти Русија наводно планира инвазија врз соседната земја. Москва, пак, негира таков план и предупредува дека разместувањето на нејзините трупи на руска територија е суверено прашање на една земја и оти е одговор на трупањето на украински сили на линијата на раздвојување на силите лојални на Киев и одметнатите региони со доминантни руско и рускојазично население, како и поради ширењето на силите на НАТО и негово стратешко оружје во близина на руските граници.

Борел придружуван од укранинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ќе го посети прво истокот на земјата и линијата на раздвојување утврдена според Минските договори, меѓу проруските и украинските сили чии гаранти се Русија, Германија и Франција. Потоа во Киев ќе се сретне со други украински функционери, според објавата на Комисијата.

„Посетата ја истакнува решителната поддршка на ЕУ на суверинетот и на територијалната целокупноста на Украина во моментот кога земјата е соочена со трупањето на руските сили и хибридното делување“ инсистира ЕК на своите тврдења.

Претходно во понеделникот Вашингтон извести за продолжување на дипломатските напори за деескалација на кризата.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен телфонски разговарал со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу. Разговарале за „важноста од континуирана координираност во врска со руската закана со ескалација во Украина“, соопшти Стејт департментот.

Ден претходно телефонски разговараа рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега по должност Реџеп Тајип Ердоган. Разговараа, како што беше соопштено од Москва и Анкара, за предлозите со кои Русија од САД бара правно обврзувачки договор за неразместување на силите на НАТО близу руските граници, особено да се исклучи приемиот во Алијанската на Украина и Грузија и другите поранешни советски република, што за Путин се руските „црвени линии“ по кои неговата земја ќе биде „присилена адекватно да одговори“.

Блинкен, исто така, разговарал и со министрите за надворешни работи од земјите од „Деветката од Букурешт“, земјите кои го прават Источното крило на НАТО – поранешните земји челнки на комунистичкиот воен Варшавски договор предводен од СССР – Бугарија, Естонија, Литванија, Латвија, Полска, Романија, Словачка и Унгарија. Разговарале за „потребата од едноставен и решителен став“ на НАТО кога станува збор за „колективната одбрана на сојузниците“ која може да се активира во случај на потреба, според американската дипломатија. Блинкен на „Деветката од Букурешт“ ѝ порачал дека Вашингтон и натаму „тесно“ ќе се координира со сите трансатлантски сојузници.

Но активирање на соодветниот член 5 од договорот за Алијансата досега не се случило, поради што некои членки имаат забелешки. Покрај тоа, Украина и не е членка на НАТО, туку се смета како земја партнер која има намера да издејствува членство во западниот воен блок.

Преговорите меѓу фунционери од Русија и од САД, на кои една од темите ќе биде и ситуацијата околу Украина, треба да се одржат на 9-ти и 10-ти јануари во Женева, потоа на 12-ти јануари следи состанкот на Советот НАТО –Русија во Брисел, па на 13-ти јануари во Виена ќе биде средбата во рамките на ОБСЕ каде членка е и САД.

ЕУ не сака да остане на маргините на овие разговори и Борел повеќепати истакнуваше дека „сите разговори за безбедноста на Европа мора да се одвиваат во координација и со учество на ЕУ“.