4.8 C
Skopje
четврток, април 18, 2024

Борел го осуди протерувањето на европските дипломати од Русија

Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел го осуди протерувањето на тројца европски дипломати од Русија поради протестот за поддршка на уапсениот опозициски активист Алексеј Навални.

Борел, кој денеска е во Москва, дознал за одлуката на Русија да протера тројца дипломати од Германија, Шведска и Полска за време на состанокот со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

„Таа одлука мора да се преиспита. Јас го потенцирам единството на Европската унија и солидарноста со земјите членки ,чии дипломати се протерани“, рече тој.

Руското Министерство за надворешни работи објави дека тројцата дипломати учествувале во „незаконските демонстрации“ на 23 јануари. Ваквите активности се некомпатибилни со статусот на дипломатите, соопштило Министерството.

Портпаролот на шведското Министерство за надворешни работи негира дека нивниот дипломат учествувал во какви било демонстрации.

Алексеј Навални е најгласниот критичар на рускиот претседател Владимир Путин.

Тој беше отруен минатиот август во источна Русија и пренесен во Германија на лекување. Се врати во Русија кон крајот на јануари и покрај предупредувањата од руската влада дека ќе биде уапсен.

Тој е осуден на три и пол години затвор за кршење на условна казна за измама изречена во 2014 година, соопштија од обвинителството.