14.8 C
Skopje
петок, март 29, 2024

Борел: Не го признаваме Лукашенко, изборите да се повторат

Европската унија не го признава Александар Лукашенко за претседател на Белорусија и подготвува санкции против официјални лица на владејачкиот режим на земјата, изјави европскиот министер за надворешни работи Jозеп Борел.

„Веруваме дека изборите на 9 август не беа фер и не го признаваме Лукашенко за легитимен претседател на Белорусија“, рече Борел на дебатата на пленарната седница на Европскиот парламент во Брисел.

„Во моментов подготвуваме санкции за значителен број на одговорни за насилство, репресија и фалсификување на изборните резултати“, додаде тој.

„Овие санкции треба да бидат усвоени пред Европскиот совет на 24 и 25 септември во Брисел, ако сакаме да го зачуваме европскиот кредибилитет“, рече тој.

Одлуката треба да биде донесена на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел во понеделник.

Европската унија исто така ги разгледува односите со Белорусија со цел „да ги идентификува областите каде треба да се прекинат или разгледуваат контактите, оние во кои има интерес да учествува, дури и да ги интензивира и да го поддржува белорускиот народ и граѓанското општество и областите каде што може да обезбеди дополнителна помош доколку дојде до нова демократска Белорусија “, рече Борел.

Борел ја критикуваше континуираната репресија во Белорусија каде „беа уапсени повеќе од 7.500 мирни демонстранти и беа евидентирани и документирани 500 случаи на тортура“.

„Ако ситуацијата продолжи да се влошува, ќе бидат разгледани дополнителни санкции. Ги повикуваме белоруските власти да најдат излез од кризата со ставање крај на насилството и незаконското притворање и со започнување на инклузивен национален дијалог“, а ЕУ е подготвена да „поддржи секоја веродостојна иницијатива“,рече Борел.

Тој додаде дека новите избори под покровителство на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) ќе бидат најдобрата опција, но исто така истакна дека досега тие не биле во можност да стапат во контакт со белоруските власти на кое било ниво.

„Решителноста на Лукашенко да остане на власт со очигледно зголемената поддршка од Москва го прави тоа уште тешко“, заклучи Борел, еден ден по средбата на Лукашенко со рускиот претседател Владимир Путин.

На состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во понеделник треба да се прецизира и одлуката за можни санкции против Турција во врска со тензиите со Грција околу резервите на природен гас во источниот Медитеран. За тоа сè уште нема консензус.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.