Борел не очекува нови санкции против Русија седмицава

Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Жозеп Борел, изјави во понеделникот дека министрите за надворешни разговарале за можни нови санкции во енергетскиот сектор, но не очекува одлука да биде донесена седмицава.

Пред почетокот на денешниот министерски совет за надворешни работи, повеќе министри на ЕУ изјавија дека поддржуваат воведување санкции врз нафтата, јаглен а некои и за увозот на гасот од Русија. Но Германија, која е многу зависна од рускиот гас, засега го блокира овој предлог.

Шефот на ЕУ дипломатијат изјави дека неколку министри ја отвориле темата за време на состанокот во Брисел .

„Меѓу бројните теми, некои земји членки ја отворија темата поврзана за енергијата, денес не беше ден за одлуки, но оваа и други можни мерки се анализираа. Треба да смислиме ефикасен одговор кој нема да донесе неподнослива цена за земјите членки“, изјави Борел.

Додаде дека лидерите на земјите членки на крајот на оваа недела на самитот најверојатно ќе разговараат исто така за овие теми и потоа ќе дадат политички насоки, но рече дека не очекува лидерите да се усогласат за нов пакет санкции.

Според некои извори, Русија бара укинувањето на санкциите да биде дел од евентуален иден мирен договор, но Борел не сакаше да се произнесе на оваа тема вечерва на прес конференцијата.

„Нема да шпекулирам за тоа што ќе се случи со преговорите за прекин на огнот, но инсистирам да се стопира војната. Сите војни имаат крај и тој крај се постигнува преку договор. Првиот чекор е прекин на огнот. Санкциите се начин да се изврши притисок и тие навистина ѝ нанесуваат штета на руската економија“, рече Жозеп Борел.

Нагласи дека зависноста од Русија се инструментализира од нејзина страна и дека треба да и се стави крај