Борел: Оваа година е клучна за уставните измени-француската рамка е најдобрата понуда

Вратите за членство во Европската Унија се отворени, следниот чекор треба да го направи Македонија со испорака на реформи, но и уставните измени.

Вратите за членство во Европската Унија се отворени, следниот чекор треба да го направи Македонија со испорака на реформи, но и уставните измени кои се преземена обврска за продолжување на евроинтеграциите- порачаа од Скопје високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

Според Борел, со вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав нема да се загрози, туку ќе се зачува македонскиот идентитет, а им порача на сите политички партии да се вклучат во процесот. На прашањето дали членство на Македонија до 2030та година е реално и остварливо очекување, еврокомесарот Вархеји кажа дека е оптимист, но дека развојот на процесот зависи од реализираните реформи во повеќе сфери.

-Оваа година е клучна. По договорот од јули, ова е најдобрата зделка која можете да ја добиете. И не е реално да верувате дека може да биде повторно отворена за нови преговори. Врз таа основа, вашата иднина е во ЕУ. Сега е време сите политички партии да ги преземат своите обврски, -Жозеп Борел.

-Рековте 2030.. Тоа не можам да кажам, може да биде порано, може да биде подоцна. Се зависи од испораката. Испорака на реформите од страна на Македонија. Од наша страна, дадовме многу силни сигнали. Ако ги погледнете говорите на шефовите на Влади во изминатите две-три години, ќе видите дека проширувањето е врвен приоритет за нашите лидери,-Оливер Вархеји.

Мора да се надминат дневно-политичките интереси на партиите, за да не се случи самите да си ставиме рампа кон евроинтеграциите- согласен е и премиерот Ковачевски со европските претставници. Кажа дека опозицијата била поканета да учествува во работните групи кои ќе ги кројат уставните амандмани, но одговор досега Владата не добила.

-Овој процес не е процес на еден човек или партија или една влада – ова е процес за целата држава. Обврска на сите партии и пратеници е да се носат одлуки со кои се носат стратешки цели за државата, а тоа е членство во ЕУ. Длабоко сум уверен дека во нашето Собрание постои капацитет и визија да се донесат потребните одлуки, со кои што државата ќе го продолжи и заврши зачленувањето во ЕУ, -Димитар Ковачевски, претседател на Владата.

Ковачевски беше домаќин и претседавач на 16-тиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација, кој за првпат се одржа во земјава, а е највисок политички форум за дијалог меѓу ЕУ и земја-кандидат. На оваа средба бил направен пресек за досега сработеното откако беше означен почетокот на преговорите за Македонија лани.