Борел во дводневна посета на Украина

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска и утре ќе престојува во посета на Украина, соопшти Европската служба за надворешни работи.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, предвидено е Борел да се сретне со украинскиот

претседател Володимир Зеленски, премиерот Денис Шмихал и министрите за надворешни работи и за одбрана Дмитро Кулеба и Рустем Умеров, како и да се обрати и пред пратениците во Врховната Рада.

Борел, исто така, ќе ја посети и Советодавната мисија на ЕУ за реформи во цивилниот безбедносен сектор Украина.

Посетата на Борел на Киев следи откако минатата ноќ Советот на ЕУ и Европскиот парламент постигнаа привремен договор за предлогот на Еврокомисијата за создавање на нов единствен Механизам за поддршка на опоравување, реконструкцијата и модернизацијата на Украина, со вкупен буџет од 50 милијарди евра, преку кој во исто време ќе бидат поддржувани и напорите на земјата за спроведување на реформите како дел од нејзиниот пристапен пат кон ЕУ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.