Борисов: Ги поддржуваме, но држиме и до историјата – Македонија да не си поставува невозможни услови

Ние ги кажавме нашите услови за Македонија да биде примена во Европската унија, изјавил бугарскиот премиер Бојко Борисов на лидерската средба на загрепскиот Самит ЕУ – западен Балкан што се во средата вечерта одржа по пат на видео-конференција.

„Ние први ги поддржавме за НАТО. Што да им кажам, на крајот дека сме Македонци? Ние ги сакаме, ги почитуваме и би им дал најбратски совет да не си поставуваат самите невозможни услови“, изјавил Борисов.

Бугарскиот премиер, како што јавува БГНЕС, додал дека колку што цврсто ја поддржува Македонија, толку цврсто стои на ставот дека нема отстапување од Договорот за добрососедство.

„Да, ние цврсто ги поддржуваме, но исто толку цврсто држиме до историјата и многу јасно тоа сме го запишале во Договорот“, рекол Борисов.

Неговата, како што истакнал, „најпријателска“ порака е Македонија да остане на патот.

Борисов потврдил дека го поддржува ветувањето на ЕУ кон Западен Балкан за соработка и помош, но додал дека слушнал недозволливи изјави.

„Особено ме заболе тоа дека Бугарија била ‘фашистичка држава‘ и не ги спасила Македонците, туку само бугарските Евреи. Тоа е подигрување со бугарскиот подвиг, со бугарскиот народ и со бугарската црква“, кажал Борисов.ж